,,Во светот на инсектите’’ – Насочен разговор

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: ,,Во светот на инсектите’’ – Насочен разговор

Цели на активноста:

-Да се поттикнат кај детето знаења и способности за препознавање и именување на инсектите и нивно опишување
-Да се поддржува љубопитноста на детето кон инсектите во опкружувањето;
-Поттикнување на интерес и љубопитност кон нови и непознати техники за детето;
Потребен материјал:  бели листови, темперни бои, сунѓер, ластик за коса, детска енциклопедија за инсекти…

Тек на активноста

Во фокусот на нашето внимание за оваа недела се различните видови инсекти, инсектите кои без сомнение се НАЈскапоцениот украс на природата. За таа цел би било навистина прекрасно да ги разгледате приложените слики во продолжение, се со амбиција да го поттикнете детето да опише што гледа на истите. Токму така Почитувани, без сомнение интересот на нашите најмили е неизбежен, за да го задржите фокусот во продолжение може да користите Енциклопедија за инсектите или пак можеби да истражувате дополнително на интернет.  Децата ги именуваат (со Ваша помош) бубачките, пеперутките, скакулците, пчелите,….поттикнете го детето да ги опише инсектите,  да каже како се хранат,  каде живеат,  дали сите летаат,  корист и штета од истите…..Како награда после заедничкото истражување, предложете им на Вашите и Наши најмили – истражувачка прошетка во најблискиот парк.

Како предлог, можете да го поттикнете детето да играте интересна –  Дидактичка игра со сликички. При тоа, ќе треба да исечете од списанија или пак, да нацртате инсекти и нивни живеалишта на посебни сликички, а детето ќе треба – инсектот да го спои со неговото живеалиште. Така преку игра, ќе учите и научите за живеалиштата на инсектите.

Охрабрете го и поттикнете го детето да одговара на Ваши зададени прашања, за се она што е карактеристично за пчелите (запишувајте).  На тој начин, составете Ваша приказна за овој инсект (насловете ја по Ваш избор).
И се разбира, како заокружување на ова заедничко патување, понудете им една мошне интересна и креативна активност – Печатење на пеперутки со сунѓер (за таа цел во прилог проследете ги фотографиите што следат).

Почитувани, продолжете да истражувате и навлегувате во светот на инсектите.

Како и секогаш, Ве очекуваме со Вашите уникатни креации.
Подготвил: Воспитувач – Јасмина Трпчевска