Што знаеме за мравките? – Разговор по енциклопедија

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: Што знаеме за мравките? – Разговор по енциклопедија

Цели:

-Стекнување сознанија за одделни видови на инсекти

-Развивање на способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на приказната.

-Поттикнување на децата со својот говор да прераскажуваат дејствија и впечатливи моменти

Потребни материјали: Енциклопедија за инсекти, ликовен материјал

Тек на активноста

Разговарајте со детето за различните видови инсекти, именувајте ги, со посебен осврт кон мравките ( каква боја имаат, колку нозе имаат, со што се хранат, каде живеат…)

Инаку, мравките живеат во листопадни и зимзелени шуми, каде во еден мравјалник може да живеат и до 250 илјади мравки. Тие ги градат мравјалниците во земја, во гнили дрвја, а знаат да градат и могили. Главно се хранат со растителна храна. Во случај на напад врз мравјалникот, тие се бранат многу агресивно, испуштаат мравја киселина.

Мравките се многу итересни инсекти и за нив се знае дека се способни за најразлични начини на движење, како скокање, лизгање и пливање. Некои видови се познати и по нивната способност да прават мостови од нивните тела, за да поминат преку вода или некоја пречка. Мравката може да крене нешта, многу пати потешки од неа. Се верува дека мравката е најумниот инсект. Најголемите колонии се наречени „супер колонии“ и претставуваат вистински ридови, со преку милијарда мравки. Мравките кралици живеат до 30 години, а мравките работници живеат само една година. Немајќи уши, мравките ги собираат вибрациите од земјата преку специјални сензори на нивните нозе.

Пронајдете уште интересни сознанија за мравките и споделете ги со Вашите деца. Во прилог, ви предлагам да им ја прочитате приказната од познатиот писател Видое Подгорец.

    Приказна –  „Мравката Космонаут “

Мравката Зрнарка излезе од својот мравјалник, и се проѕевна:

-О, колку сум гладна! – и побара храна. Патем најде едно големо зрно и почна да го турка кон својот амбар. Долго време Зрнарка го туркаше тешкото и се потеше. Напладне застана врз еден зелен лист  да се одмори. Ненадејно дувна ветре развигорче. Зрното се истркала, а листот и мравката летнаа во воздухот.

-Стој, стој! – исплашено викна мрвката. – Каде ме носиш? Јас не живеам таму!

-Молчи, црна бубачко, ти се најсреќната мравка од сиот род. Јас не сум обичен лист, јас сум вселенски брод. А ти си космонаут. Првата мравка – космонаут.

И летаа, летаа, летаа!

Долу останаа дрвјата, куќите, ливадите. А пред нив се ширеше бескрајното сиво небо..

-Еј, вселенски броду, врати ме долу! Гладна сум, многу гладна! Таму каде што ќе одиме нема храна – жално молеше мравката Зрнарка.

-А што е она? праша листот кога ја виде месечината.

-Не знам – рече мравката –  личи на срп.

-Штом личи на срп, во близината мора да има нива со пченица. Српот е за жнеење, зар не?

Така мравката Зрнарка и Листот тргнааа кон месечината, мислејќи дека таму ќе најдат жито и никој повеќе не ги виде до каде стасаа…

На крај, секое дете може да си ја раскаже приказната со изменет крај или да раскаже дел – момент или дејствие, кое му оставило најсилен впечаток и истиот да го пренесе на цртеж.

Подготвил: Воспитувач – Сузана Чурлинова