“Необичниот свет на инсектите” – Разговор по енциклопедија

Возрасна група:  4 – 6 години

Наслов на активноста: Необичниот свет на инсектите – Разговор по енциклопедија

Цели на активноста:

-Проширување и стекнување на нови знаења за различни видови на инсекти кои се појавуваат во пролет, за нивниот изглед, особини, живеалишта, начин на живот, за нивниот животен циклус

-Да се оспособат за разликување, препознавање, именување, споредување на некои видови инсекти

-Поттикнување на внимание, мислење и донесување на заклучоци по пат на набљудување и разговор за инсектите

-Поттикнување на грижлив однос кон природата, формирање навики за позитивен однос према инсектите и нивната важност

Потребен материјал: непосредната околина, кутија од кондури, хартиени ролни, природен материјал кој ќе го соберете заедно со децата додека се шетете во парк, блиска шума или од дворот – шишарки, суви гранчиња, кора од дрво, мов, каменчиња.., апликации или играчки од инсекти, енциклопедии, слики, фотографии.

Тек на активноста 

Со будењето на природата во пролет кај децата се пројавува љубопитност и желба за истражување на природата околу себе. Во моментите кога шетате на пролетното сонце во парк, блиска шума или двор, децата трчаат по пеперутките, бубамарите, ги забележуваат мравките, гасениците по лисјата. Разговарајте со нив за различните видови на инсекти – летаат во воздух, живеат на земја и во земја, за нивната исхрана, изглед, за нивната корист за нашата Планета Земја, како разнесуваат семиња, опрашуваат и дека се важен дел од ланецот на исхрана. За да го задржите интересот и вниманието на детето, прочитајте им интересни податоци и поттикнете ги сами да прелистуваат и поставуваат прашања, на пр: комарецот има 47 заби, бубамари се пуштени во вселената пред 20 год, за најголемата пеперутка, за волшебниот животен циклус  на пеперутките и сл.

За да ја научат користа и важноста на инсектите, пристапете кон изработка на куќичка Хотел за инсекти. Објаснете им дека е направена од природен материјал, а ги прават градинарите и љубителите на природата за да го зголемат бројот на инсекти и да покажат колку се корисни, значајни и важни инсектите. Предложете им и вие да си направите “Хотел за инсекти”, како што е прикажан на сликата. Изградете го хотелот, а секој спрат, наменете го за еден вид на инсекти. Разговарајте и договарајте се кои инсекти каде ќе ги сместите.  А кој може да живее во хотелот?

Бубамари – се едни од најважните предатори во овоштарникот и градината. Јадат лисни вошки и една бубамара може да изеде дури 600 вошки во период од две недели. Сакаат да презимат под растителни остатоци, лисја, гранки, кори на дрвја.

Пеперутки – тие ќе побараат соба во хотелот кога ќе залади, обично како гасеница. Тие се добар показател на чиста околина.

Пчели самотници – се помали од пчелите медарки, не боцкаат, многу се корисни за опрашување на цвеќињата. Најдобар материјал во хотелот за нив се шупливи цигли, трски, гранки и сл.

Интересно е да се знае дека пчелите медарки се поголеми од пчелите самотници, може да боцнат ако ги вознемириш, но се многу вредни и работливи. Тие во своите живеалишта – кошниците, го собираат од цвеќињата, најубавиот производ – медот, кој е многу вкусен и многу здрав за децата. Главна е пчелата матица, која е одговорна за редот во кошницата. За да биде интересна активноста, поттикнете го Вашето дете да одговори на прашањето: Зошто медот е леплив? – сигурно ќе добиете некој интересен одговор (бисерче од Вашето дете) кое ќе ве насмее.

Учејќи за инсектите, поминете забавни моменти со Вашите деца.

Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова