Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активност: Оспособување на детето за броење од 1 до 10 и назад – Математички игри
Цели на активноста:
- Да се оспособува за визуелно восприемање и именување на одредени броеви ( кои се во или надвор од низата );
- Да се поттикнува способноста за поврзување на количината ( број на елементи ) со симболите на броевите ( цифри );
- Утврдување на броеви од 1 до 10 и правилно именување на цифри од 1 до 10;
- Да се поттикнува и развива логичното мислење.
Потребен материјал: прозен текст ” Зајачето не знае да брои до 10 “, апликации на мајка зајачица и две зајачиња, десет грмушки и дрвја во шумски амбиент, предмети од домот, работни листови, дрвени боици.
Тек на активноста
Детето од предучилишна возраст може да стекне математички претстави, доколку тие се темелат на конкретно перцепирање и активно манипулирање со дадени предмети. Притоа ќе треба да се поттикне развој на математичкото мислење, што значи дека е потребно детето да се заинтересира и постави пред проблем што ќе треба да го реши.
Одкако детето научило да ја усвојува бројната количина во целина, се поминува на броење напред и назад. Броењето може да биде конкретно со предмети или усно без нагледен материјал.
Од родителот ќе се бара да го привлече вниманието на детето и да се создаде интерес за активни мисловни операции, преку задачи кои се соодветни на неговите психофизички способности. За почеток може да му го прочитате прозниот текст:” Зајачето не знае да брои до 10″ ( во прилог подолу) и притоа да направите макета на шума со апликации на зајачиња, десет грмушки и неколку дрвја од картон. Потоа прераскажете ја содржината со тоа што ќе го вклучите и вашето дете, а ќе ја користите макетата за покажување. Поттикнете го детето да му “помогне” на зајачето правилно да научи да брои од 1 до 10. Потоа може да направите “фиока полна со изненадувања” ( нека биде долната фиока) и во неа нека бидат сместени сите ситни работи во чисти кутии од маргарин, козметика, еурокрем и слично така што ќе бидат сортирани на пример: копчиња, пластични тапи, ластичиња, стегачи за коса, шноли, цевки, моливи, гуми, дрвени боици, фломастери, стари нотеси и друго, а притоа ќе го поттикнувате детето гласно да ги брои предметите. Истото можете да го направите во кујната со приборот за јадење: чиниите, чашите, тенџерињата; во детската соба може да ги сортираат и бројат: коцките, автомобилите, камионите, сликовниците, куклите; во плакарот: блузите, чорапите, долната облека; на прошетка: колку луѓе, автомобили, велосипеди поминале итн. При броењето треба да се настојува детето да брои гласно, именувајќи го посебно секој изброен предмет.
За утврдување на знаењата може да ви послужат и следните предлог работни листови, кои ќе треба детето самостојно да ги изработи ( да изброи, обои, поврзе, заокружи).
Забавувајте се, додека играте и броите…
Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска