Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активноста: “Инсектите во нашиот крај” – Разговор
Цели на активноста:
-Да се поддржува љубопитноста на детето кон нови настани во опкружувањето
-Да се поттикнува детето да поставува прашања за непознати предмети и настани во моментот на набљудувањето;
-Запознавање со инсекти како специфичен вид животни, нивните основни карактеристики, начин на исхрана, место на живеење и согледување сличности и разлики меѓу нив;
-Да се поддржува интересот кон постојано стекнување на нови искуства
Потребен материјал: Енциклопедија за инсекти, слики од инсекти, ликовен прибор, линкови од Youtube со песна и видео за инсектите.
Тек на активноста
Знаеме дека со доаѓањето на пролетта се буди целата природа, дрвјата зазеленети и расцутени, тревата бујна, ливадите полни со разнобојни цвеќиња, но има и нешто друго…а тоа се инсектите: пеперутки кои танцуваат, пчелки и буба мари разлетани, бумбар кој брмчи, оса, скакулец, мува, бубалка, мравки, комарци, водено коњче, богомoлка, штурец кој неуморно свири…и уште многу други. Инсектите се најголема група на животни и се многу разновидни. Приспособени се да живеат во сите животни средини и тоа на копно, вода и во воздух. Дел од нив летаат, дел лазат по земјата и дрвјата. Поттикнете го детето на разговор, самостојно да разгледува слики со инсекти, да размислува, препознава, опишува и да открие некое лично доживување со нив.
ПЕПЕРУТКА
Распространети се низ целиот свет. Имаат шест нозе со кои ја препознаваат храната. Се хранат со нектарот од цвеќињата, но и со созреаните овошки. Сетило за мирис – се нивните антени.
БУБАМАРА
Бубамарите се црвени и имаат црни точки. Уште нашите баби знаеле дека бубамарите носат среќа, поради тоа следен пат кога бубамара ќе одлета од вашиот прст и вие посакајте си нешто убаво. Бубамарите може да имаат различен број на точки. Некои имаат дури и 24.
КОМАРЕЦ
Телото на комарецот е тенко и нежно, а на него се наоѓаат долги пипала и само еден пар крилја. Комарецот е познат по неговиот убод на нашето тело кој што предизвикува чешање. Ги има најмногу во лето, кога е топло.
МУВА
Телото и крилјата на мувата се обоени со кафеаво – сива боја. Тие можат да бидат мали, но и големи како пчела. Широко е распостранета и ја има насекаде, како во домовите, така и во шталите, каде што има животни. Колку и да изгледаат мали и “досадни” сепак тие се важни во синџирот на исхрана.
МРАВКА
Мравките се инсекти кои лазат на земјата и по дрвата. Познати се по тоа што се многу вредни.
ПЧЕЛА
Тие се најважни живи суштества на планетата. Без пчелите ќе исчезнат цвеќињата, овошјето и зеленчукот. Од вредната работа на пчелките го добиваме највкусниот производ – медот.
Откако ќе разговарате за инсектите, предложете му на детето да нацрта некој инсект, што му оставил најголем впечаток на лист со дрвени боици, фломастери, помогнете му, потикнете го и пофалете го. Потоа, може да ја играте играта “Пчелка и цвет”, вие бидете цвет, а детето нека лета и зуи како пчелка околу вас, може да биде пеперутка…имитативна игра.
На крај, направете пролетна прошетка, која ќе овозможи децата да ги збогатат впечатоците за инсектите, да ги препознаваат, именуваат по боја, звук, да ги имитираат нивните движења. Една од целите на оваа активност е децата, но и нивните родители, да го надминат стравот од инсектите и малите животинчиња и да ги запознаат убавините на природата.
За крај, Ви предлагам заедно со децата да ја слушнете песната “Летај, летај буба маро” од детскиот фестивал “Златно славејче” на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=DVEqjmBVbWc
Сликовит приказ со видео за инсектите можете да видите на линкот подолу:
Инсекти-жители на ливадата: https://www.youtube.com/watch?v=KVK7wil_7Qo
Подготвил: Воспитувач – Љубинка Томовска