Обработка на стихотворба “Инсектите во мај” и расказ “Трите пеперутки”

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста Обработка на стихотворба Инсектите во мај и расказ Трите пеперутки

Цели на активноста:

-да се поддржува љубопитноста на детето кон нови предмети и настани во опкружувањето

-да се поддржува детето во настојувањето да изведува посложена задача ако покаже интерес за тоа

-да се поттикне детето кон поставување прашања за непознати предмети, лица или настани во моментот на набљудување и случување

-да се поттикнува кај детето иницијативност при избор на материјалите за истражувачките активности

-да се поттикне детето да витка, тутка и да лепи хартија и друг материјал

-да се поттикне и да развие способност за раскажување и изразување со куси реченици

-да се поттикне и да развива способност за започнување на дискусија и поставување на прашања

Потребен материјал:  хартија во три бои (боите на 3-те пеперутки), хартија во зелена боја за телото на пеперутките, црн фломастер за очите и устата на пеперутките, ножички, фломастери во повеќе бои за шарање на крилјата на пеперутките.

Тек на активноста

Оваа активност можете да ја започнете со тоа што на децата ќе им ја покажете  сликата – Инсектите во мај. Со децата ќе играте откривачка игра, во која децата – убаво ќе ги разгледаат сликите, потоа ќе ги поттикнете сами да пробаат да ги опишат и по свое видување да Ви кажат, која боја ја имаат инсектите, делови на тело, кои од  нив летаат, а кои лазат или скокаат, брмчат.. и на крај да ги именуваат инсектите (пчела, бумбар, бубамара итн). Децата сигурно ќе ги стават во групата на  животни, но Вие објаснете им дека  по правилно, тие спаѓаат во групата инсекти, кои лазат, летаа и брмчат…

Потоа како дополнување на нивните искази, прочитајте им ја на децата стихотворбата Инсектите во мај од сликатa најдоле на страната,  каде убаво и подетално преку стихови се опишани инсектите кои претходно ги разгледувавте и именувавте.

Како надополнување на оваа тема, понудете им, да го прочитате расказот Трите пеперутки, во кој покрај тоа што ќе се запознаат со шареноликоста на природата во мај,  ќе се запознаат и со белата, црвената и жолтата пеперутка и нивното другарството и пожртвуваност, со солидарноста на кринот и лалето, но и ќе се потсетат за значењето и функцијата на сонцето и облаците на небото…

За  крај, понудете им ги материјалите кои се спомнати како потребни и заедно направете ги од хартија трите пеперутки, по примерот  како на последната понудена слика.  Децата ќе стават свој личен печат на изработката – така што крилјата ќе бидат од отисоците на нивните рачињата.

Уживајте во времето поминато со Вашите деца!

Подготвил: Воспитувач – Емилија Савовска