Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активноста: Ликовна игра – “Расцутено дрво”
Цели на активноста:
-Да се поттикне развивање на вештини за реагирање според сетилата за вид, слух, мирис и според искуствата и доживувањата
-Да се поттикне интерес за учество во ликовни активности преку користење на разни форми на ликовно изразување
-Да се поттикнува самостојноста во користењето на различен ликовен и неликовен материјал
-Да се поттикнува љубопитност за запознавање на броевите и иницијативност за броење
Потребен материјал: бел и розев лист, темперни бои, лепило, четка за боење, пуканки, пластично шише, пластично канче
Тек на активноста:
Разговарајте со децата за годишнпто време пролет и за промените кои настанаа во природата (расцветани цвеќиња, дрвјата се разеленети, тревичката е зелена, се слуша црцорењето на птиците, времето е потопло). Излезете во дворот или на терасата и набљудувајте ги дрвјата, цвеќињата и тревичката, поттикнувајќи ги децата да ги кoристат своите сетила (да го почувствуваат мирисот на цвеќињата, да ги слушаат звуците на птиците). Гледајќи ги дрвјата, поттикнете ги да ги именуваат нивните делови – стебло, гранки, листови, цветови, задржувајќи го вниманието кон цветовите на крошните.
Потоа предложете им, да ги печатат цветовите од расцветаните дрвја кои ги набљудувавте. Најпрво на бел лист нацртајте стебло, кое потоа детето само ќе го обои. Потоа цветовите на дрвјата може да ги печатат на неколку начини.
Прв начин– Со лепило да лепат испукани пуканки на гранките а потоа да ги обојат со светло розева боја
Втор начин– Лист или салфетка во розева боја го цепкаат на ситно и го туткаат, а потоа со лепило ги лепат истутканите топчиња на гранките да се добие убава расцветана крошна.
Трет начин– Во канче растворете светло розева боја. Дајте му на детето пластично шише кое ќе треба дното да го натопи во растворената боја и потоа да го отпечати на гранките на дрвото кое претходно го нацртавте и обоивте.
Откако ќе го направите расцутеното дрво, можете да играте „Весела математика“. Охрабрете го детето да изброи колку листови има еден цвет на дрвото (од третиот начин на печатење цветови, со пластичното шише). Со ваша помош избројте ги гранките на дрвото кое го насликавте, потоа избројте колку дрвја има во вашиот двор. Со тоа ќе ја поттикнете љубовта на детето кон броевите и броењето. Доколку на детето му е интересна математичката игра и сеуште можете да му го задржите вниманието, продолжете да играте со броење на предмети во вашиот дом.
Подготвила: Маријана Гиразова