„Бројам, рециклирам, креирам“ – математички игри

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активност: „Бројам, рециклирам, креирам“ – математички игри

Цели на активноста:

  • Да се поттикне кај детето визуелно восприемање и именување на броевите 4 и 5 кога се надвор од низата;
  • Да се поттикне способноста за поврзување на количина со симболот на броевите (цифрите);

Потребен материјал: предмети кои произведуваат звук (две лажици, барабанче и сл.), модели на цифри од 1 – 5, предмети од домот, работни листови (во прилог), картонски ролни од тоалет хартија, стапчиња, цевки за сок, фломастери, молив

Тек на активноста

Математиката е насекаде околу нас, во природата и во нашите домови. Децата пројавуваат интерес за броење уште од помала возраст. Вербално ги искажуваат броевите од првата десетка последователно како растечка низа. На оваа возраст се поставуваат цели, насочени кон развивање на свесност за количина која е поврзана со одреден број (цифра) и која може да биде менлива. Броењето од конкретно броење на елементи постепено преминува кон апстрактно размислување за количината, односно поврзување на таа количина со дадена цифра.

За успешно да се развијат овие вештини и математиката да се доживее како пријатно искуство ви предлагам игри за кои можете да користите најразлични ресуси од вашите домови. За полесно фокусирање и поттикнување на вниманието, практикувајте звучно броење. Со удар на предмети произведете звук неколку пати (од еден до пет) додека вашето дете внимателно ве следи и брои. Гледајте секогаш бројот на звуците да биде надвор од низата.

Во домот детето може да брои најразлични предмети и кон секоја група на изброени предмети да придружи соодветна цифра (модел на цифра од картон, пластика и сл.), така ќе се поттикне разбирањето на количината и препознавање на цифрите. На повисоко ниво детето може да вежба пишување на цифрите од 1 до 5.

За утврдување на знаењата, играјте игри (предлог слики во прилог) за кои треба заедно да изработите ресурси од отпаден материјал.

Подготвил: Воспитувач – Снежана Гуцуљ