„Нашата планета чиста и среќна“

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: „Нашата планета чиста и среќна“ – Детски размислувања преку говор и цртеж

Цел на активноста :

– да се поттикнува и оспособува за искажување на своите идеи на повеќе начини

– да се поттикнува да ги препознава, именува и опишува загадувачите на природата

– да се поттикнува прифаќањето на екологијата како дел од современиот начин на живеење

Потребен материјал: слики, листови за цртање, боички

Тек на активноста:

Оваа недела ја посветуваме на Планетата Земја, која е наш дом и дом на сите животни и растенија. За таа цел најпрво разгледајте ги приложените слики со нејзините загадувачи (можете да најдете и други на интернет или во некоја детска енциклопедија) и поттикнете го детето да каже што гледа на нив. Воочете ги изворите на загадување, именувајте ги и поразговарајте со детето како тие загадувачи ги уништуваат планините, шумите, реките, морињата. Потоа насочете го детето на размислување, прашувајќи го:

Што можеме да направиме за таа да биде чиста и среќна?

Како да се справиме со загадувачите и да ја подигнеме еколошката свест кај луѓето?

Дали треба да се стават повеќе корпи и знаци со предупредување, за да не се фрлаат отпадоци во природата?

Дали во јавните установи да ставиме знак кој ќе не потсети дека струјата и водата треба да се штедат?

Дали треба да ги избегнуваме автомобилите и да возиме велосипед или да одиме пеш?

Што да направиме со отпадното масло за јадење…

Додека изнаоѓате различни решенија, потрудете се истите да ги претставите со цртеж, или пак со апликации и исечоци од стари списанија, изработете постер со Планетата Земја и нејзините загадувачи и уништувачи. Истите можете да ги поставите на видно место во домот и целото семејство да се потсетува на нив. Можете да ја научите и стихотворбата „Млади еколози“ или да ја пеете песничката „Немаме резервна планета“ од  5+  бенд.

Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова