„И нашата планета има свој ден – 22ри април“

Возрасна група: 4 – 6 години

Наслов на активноста: „И нашата планета има свој ден – 22ри април“ – Говорно – ликовна игра

Цели на активноста:

– децата да научат за Планетата Земја како место за нивно живеење;

– да се развиваат истражувачки способности и грижа за Планетата Земја;

– да се развива еколошката свест кај децата.

Потребен материјал: енциклопедија, по можност глобус или топка, ликовен материјал

Тек на активноста

Секој има свој дом и секој има свое место на оваа планета. Планетата Земја е нашиот дом. На неа има место за сите нас – мали и големи, црни, бели, жолти. Каде и да сме, со кого и да сме, треба да се знае едно многу важно правило: Чувај ја земјата твоја и моја, грижи се за неа, биди човек на новото време. Чувај ја земјата и таа ќе ти врати. И Планетата Земја има свој ден, а тоа е 22-ри  април.

Ајде, разговарајте за Планетата Земја!

Пред детето демонстрирајте глобус или топка. Објаснете дека тоа е „Земјата“ на која што ние живееме. Држете ја топката или глобусот високо – земјата не стои на ништо. Таа е во просторот. Овозможете му на детето да го држи глобусот или топката во воздух. Објаснете го движењето на Земјата. Земјата е планета која се движи околу Сонцето и самата околу себе. Одберете кој ќе биде Сонцето во вашиот дом. Другите членови на семејството направете круг и вртете се бавно околу Сонцето.

Водете разговор со детето за тоа, кој и што ја загадува нашата животна средина – фабриките, издувните гасови од камионите и од автомобилите, отпадниот материјал и сл. Растенијата го прочистиваат воздухот – затоа да садиме растенија и дрвја! Дрвјата го прават воздухот поладен и почист, а со тоа и ние штом дишеме чист воздух ќе бидеме поздрави. Затоа да се грижиме, нашата планета да биде чиста.

Прославете го Денот на нашата планета…поттикнете го детето нека црта или слика на тема: Засади дрво, засади цвет за поубава и чиста планета!!!

Поттикнете ја еколошката свест кај детето и грижата за околината. Поставете земја во неколку сада и во секој сад посадете семиња од трева, цвеќе, житарици и сл. Посочете му на детето дека секојдневно ќе треба да се грижи за посадените нешта! Формирајте работни навики кај детето. Понудете корпи за отпадоци, метли, лопатки за ѓубре, крпи за бришење и др. Детето нека ја игра играта „Чистење на мојот дом или двор“.

Подготвил: Воспитувач – Јелена Мирческа