Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста – Велигденски игри за забава и учење
Цели на активностите:
-Да се поттикнат способностите за поврзување на количината со симболите на броевите,
-Да се развива свеста за количество на броевите од 1-5,
-Развој на иницијативност и креативност,
-Развој на фината моторика,
-Развој на координација око-рака.
Потребен материјал: кошничка, велигденски јајца, хартија во боја, ликовен материјал, ножички
ТЕКСТ: Велигден на фармата
Едно велигденско утро, Јане одлучи да ги изненади сите животни на фармата. Тој многу ги сака животните и редовно се грижи за нив. Ова утро е празнично и животните заслужиле посебна награда. На зајачето Симе му ја даде неговата омилена храна – зелена салата. Таа е полна со витамини и е многу здрава. На кравата Шарка и даде сочно црвено јаболче. На коњот Дорчо му даде свежо портокалово морковче. Јане сакаше да и даде и на кокошката Златка велигденски подарок. Но, каде е кокошката Златка? Ја бараше лево, десно. Не беше во шталата. Не беше ни во кокошарникот. Најпосле, ја најде кокошката Златка. Замислете каде? Под големата јаболкница. Јане на кокошката Златка и даде полна рака семки од пченка. Јане здогледа како нешто мрда под крилјата на кокошката Златка. Им дадов на сите мои животни велигденски подарок – смеејќи се рече Јане, но кокошката Златка мене ми подготви велигденско изненадување и ми даде најубав велигденски подарок. Погодете што? Пет мали, жолти пилиња…
Анимирајте го детето, разговарајте за животните на фарма, за животниот циклус на кокошката, за љубовта и грижата на Јане кон животните. Поканете го детето да ги именува и изброи животните, а потоа да ги опише и изброи и малите пилиња. Во духот на највеселиот празник, предложете им да си поиграте со велигденските јајца што ви ги подари кокошката.
/ Понудете им кошничка со јајца – исечени од хартија во боја кои претходно сте ги изработиле и картончиња со бројки од 1 до 5. Детето зема едно по едно јајце, ги брои, опишува и подредува по боја. До нив го става соодветниот број што одговара на количината. На пример – 5 црвени, 3 сини, 4 шарени, 1 зелено и 2 жолти. Настојувајте детето да ја именува бојата, да воочи од која боја има повеќе јајца, да ги брои гласно покажувајќи со прстот. Охрабрувајте го детето со пофалба за секоја успешно завршена задача.
/ Сочувајте ги листовите т.е велигденските јајца од претходната активност за следната задача. На едната половина од јајцето напишете броеви, а на другата соодветен број на кругчиња. Детето да ги избои кругчињата и да ја посочи соодветната бројка. Исечете ги јајцата во вид на сложувалка и замолете ги вашите најмили да ги најдат деловите кои одговараат. Кога ќе ги спојат велигденските јајца – бројките и кругчињата во нив треба соодветно да одговараат.
/ Играта може да продолжи. Подредете ги во низа велигденските јајца по ред од 1-5, а може за поголемите и до 10. Посочете им добро да го запомнат редоследот, за да видат дали не е испуштен некој број. Потоа детето ќе ги затвори очите, а Вие ќе сокриете едно јајце со одреден број. Треба да го погоди бројот што недостасува. Ќе играте се додека има интерес кај детето.
Велигден се слави за деца среќни и здрави. СРЕЌЕН ВЕЛИГДЕН!!!
Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова