Возрасна група: 3 – 4 години
Наслов на активноста: “Спроти Велигден”– Разговор / Oбработка на игрозборки – сликозборки
Цели на активноста:
-да се поддржува љубопитноста на детето кон нови предмети и настани во опкружувањето
-да се поттикне детето кон поставување прашања за непознати предмети, лица или настани во моментот на набљудување и случување
-да се поттикнува кај детето иницијативност при избор на материјалите за истражувачките активности.
Потребен материјал: текст, лепак за хартија, фломастери, ножички, бели листови ( или хамер бел), водени или темперни бои, работен лист, коноп или конец по избор.
Тек на активноста
Оваа активност можете да ја започнете со познатата игра egg hunt или пронајди го јајцето. За оваа игра ќе ви бидат потребни било какви јајца од стиропор, пластика, хартија… Имено, Вие сокријте им ги на вашите дечиња јајцата насекаде низ домот и барањето и истражувањето може да започне!!! Секако, можете да им дадете помош со насочување од ваша страна со зборовите ладно или топло, во зависност од тоа колку се децата далеку односно блиску од пронаоѓањето на јајцето.
Потоа за да ги смирите дечињата кои трчаа, брзаа и се натпреваруваа со времето и ги вклучија и искористија сите сетила во пронаоѓањето на скриените јајца, Ви предлагам да им прочитате игрозборки-сликозборки кои ги имате најдолу на страната. Откако ќе им ги прочитате, објаснете им со свои зборови, со јазик и зборчиња соодветни и едноставни за нивната возраст, за каков празник станува збор, за значењето на велигденското јајце и на црвената боја на јајцето, за играта со кршење јајца и прогласувањето на јајце-победник, за тоа дека традицијата треба и убаво е да се негува и да се продолжат обичаите на нашите предци од старо време. Кажете им дека Велигден е голем и свечен празничен ден, но и можност за дружење и славење. Потоа, понудете им го работниот лист кој од нив бара да ги пронајдат разликите помеѓу двете корпи со велигденски јајца, но и да ги поврзат јајцата со исти шари.
На крајот, заедничка манипулативна активност – Велигденско пиленце, кое можете да го закачите како велигденски украс на врата. Имено, станува збор за пиленце во форма на јајце во жолта боја, на кое крилата и нозете ќе му бидат од отисоците на Вашето дете. Крилата се од отисоци од левата и десната дланка на Вашето дете а нозете му се од отисоците на прстињата и табаните од нозете. Како предлог за крај, на ова пиленце можете да му направие мало дупче низ кое ќе протнете конец или коноп и ќе го закачите на Вашата врата како велигденски украс.
Подготвил: Воспитувач – Емилија Савовска