Возрасна група: 4 – 6 години
Наслов на активноста: “Што треба да правиме, за да бидеме здрави” – Разговор по повод одбележување на Денот на здравјето (07.04)
Цели на активноста:
-Осознавање за значењето на здравјето;
-Стекнување на навики за лична хигиена, поттикнување на уредност и чистота;
-Продлабочување на сознанијата за значењето на здравата храна, телесните вежби и одморот;
-Сознавање од потребата за заштита од штетни материи (бактерии), повреди и други детски болести.
Потребен материјал: слики, апликации и ликовен прибор.
Тек на активноста
Разгледајте ја серијата од слики – Како да бидам здрав? Поттикнете го детето на разговор, самото да опише како се грижи за хигиената на своето тело и што прави за да ја одржува (редовно капење, миење на рацете, забите, хигиена на нозете, уредност на косата). Зошто треба да го прави тоа? Детето нека дојде до заклучок дека со капењето – кожата се чисти од пот, прав и нечистотии; за да бидат забите здрави и убави – неопходно е правилно миење по секој оброк; а за да ги спречиме бактериите да навлезат во нашиот организам – почесто треба да ги миеме рацете.
Потоа разгледајте ја пирамидата на здрава храна, детето нека ги опишува продуктите по правилниот редослед, (овошје и зеленчук, риба, јајца, млеко, месо, жито, пченица, просо). Каква храна треба да внесуваме за да бидеме здрави? Секое дете нека го опише своето омилено овошје по боја, форма, големина и вкус, а потоа заедно пригответе го омиленото јадење на детето. Продолжете со прашања, кој е негов омилен спорт, и надоврзете се на тоа – зошто треба да вежбаме и колку вежбањето е важно за здравјето на нашето тело (со вежбите се јакнат мускулите, срцето, се развиваат белите дробови и се зајакнуваат коските) затоа, пожелно е секое утро, или во текот на денот, децата да прават вежби корисни за нивното здравје, затоа што спортот и вежбањето ги прават среќни и весели.
На крајот од активноста, детето нека црта на тема: Полна чинија здрава храна!
Подготвил: Воспитувач – Билјана Андоновска