Пролетен зеленчук – Моделирање

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: Пролетен зеленчук – Моделирање

Цели на активноста:

-Поттикнување на самостојност во ликовното изразување

-Негување на чувството за форма и оспособување за моделирање со пластелин

-Развивање на моториката на раката / координација – око – рака

Потребен материјал: свеж зеленчук, подлога за моделирање, пластелин,

две кошнички

Тек на активноста

Вниманието на вашето дете, насочете го кон кујната каде ви стои зеленчукот. Мотивирајте го, само да го извади и нареди во корпата. При тоа именувајте го и опишете го – каква боја има, каква форма, големина… Потоа понесете ја кошничката со зеленчук во просторијата каде претходно сте подготвиле материјал за моделирање. Обидете се на детето да му објасните дека истиот зеленчук од корпата ќе се обидете да го моделирате. Помогнете му убаво да го измеси пластелинот за да може полесно да ја добие саканата форма.  При тоа додека моделирате, можете да ги научите следните стихови:

Моркови и салата, спанаќ, а и лук,

заедно ги викаме ран зеленчук.

Убави и свежи, многу, многу фини,

богати се тие со разни витамини.

Готовите модели од ран зеленчук на крај ќе ги ставите во друга кошничка, споредувајќи ги со вистинскиот свеж зеленчук.

Подготвил: Воспитувач -Теодора С. Петковска