Дидактичко – математичка игра “Подготвуваме салата од зеленчук”

Возрасна група: 3 – 4 години

Наслов на активност: Дидактичко – математичка игра “Подготвуваме салата од зеленчук”

Цели на активноста:

-Развивање на способности за просторно ориентирање и вербално искажување на односите меѓу предметите /воочување, покажување и именување/: гере-долу, во, на, големо-мало – во однос на себе и во однос на другите предмети.

-Развивање на мисловните процеси /анализа, помнење, логично поврзување, заклучување…/ преку процесот на сетилно учење и практична работа.

-Стекнување знаења преку конкретно набљудување, откривање и манипулирање.

-Спознавање на значењето на зеленчуковите плодови како здрава храна и начинот на правилно подготвување и консумирање.

Потребни материјали: природни зеленчукови плодови, кошница, рамна површина – подлога за работа, детски прибор за јадење, пластичен прибор за готвење, по можност облека на готвач /престилака, капа/.

Тек на активноста

Пред децата откривате кошница – сад со природни зелечукови плодови. Насочете ги, и Вие поведете разговор за заленчукот. Именувајте, покажувајте, опишувајте по Боја, спoредувајте по Форма и Големина, чувствувајте на допир и мирис… Настојувајте децата да ја воочат, покажат и по можност да ја именуваат просторната положба на плодовите во однос на себе и меѓу плодовите /пример: морковот е ПРЕД зелката, кромидот е НА работната површина, спанаќот е ВО кошницата, ротквицате е ГОРЕ во рачето, а салатата ДОЛУ во чинијата…/. Менувате ја местоположбата и просторните релации ВИЕ или детето по дадени упатства /пример: стави го морковот ПОД краставицата, дигни ја салатата со раката ГОРЕ, симни ја зелката ДОЛУ во кошницата…/.

Продолжете го разговорот за значењето на зеленчукот во нашата исхрана и начинот на консумирање /свеж и приготвен/. Предложете им на децата заедно да подготвите Пролетна – зеленчукова салата. Прикладно облечени, измијте го зеленчукот со чиста и протечна вода, постојано објаснувајќи Зошто, Како и Колку се мијат овие плодови кои се консумираат свежи и од кои се подготвува салата. Земете соодветен прибор: сечете разновидни форми, големини, декорирајте во различни бои, подржувајќи ја детската креативност во осмислување на конкретни ликови, предмети – пример /Лик за зајаче, Летало, Шарена пеперутка…/. Истовремено насочувајте го, упатувајте го и охрабрувајте го детето во користење на математички термини и релации во меѓусебната комуникација.

Сервирајте…, Служете се – /коментирајте за вкусовите, насочувајте ги децата на правилно консумирање на храна/.

Добар апетит!

Подготвил: Воспитувач – Бубе  / Љубица Тасковска