„Запознавање со птиците кои се вратија во нашиот крај“ – Говорна игра

Возрасна група: 2 – 4 години

Наслов на активноста: „Запознавање со птиците кои се вратија во нашиот крај“  – Говорна игра

Цели на активноста:

-Да се поттикне кај децата знаење и способност за препознавање и класификација  на птиците според местото на живеење  и карактеристиките

-Да се поттикнува упорноста на детето да стекнува нови искуства низ активности на истражување

Потребен материјал: по можност – енциклопедија, слики, апликации, листови, ножички, пластелин

Тек на активноста:

Разговорот со детето започнете го за годишното време што пристигна – пролетта, а со тоа и за промените во природата,  како и враќањето на птиците кај нас од топлите краишта. Потоа заедно со детето разгледајте ги дадените слики и поведете разговор за истите. Поттикнувајте го детето, само да ви ги опише птиците кои се дадени на фотографиите – со што им е покриено телото, со што летаат, со што се хранат и побарајте да најде сличности и разлики помеѓу нив. Откако детето вербално ќе ги опише штркот и ластовичката, разговорот насочете го кон тоа – со што се хранат овие птици (штркот-жаби, риби, инсекти / ластовичката со инсекти), каде се наоѓа нивното живеалиште (од што е направено гнездото, најчесто каде им се наогаат гнездата и сл.) Во текот на денот доколку сте во можност можете заеднички да изработите од хартија или пластелин некоја од овие птици или пак нивното живеалиште (гнездо).

Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска