Возрасна група: 2 – 4 години
Наслов на активност: Манипулативна игра со хартија -„Гнездо на штрк“
Цели на активноста:
-Координација помеѓу окото и раката, како и развивање на ситната мускулатура на дланките и прстите при ракување со ножички
-Здобивање со основни знаења за штркот, како најспецифична птица во нашите краишта
Потребен материјал: Хартија во боја (може и хартија од весник), внатрешниот картон од тоалетна хартија, лепак, ножички и една апликација од штрк.
Тек на активноста
На детето му се покажува слика од штрк (од некое списание или енциклопедија, телефон и сл.) при што се поведува разговор за птицата -изгледот, бојата, големината…пр. долги портокалови нозе и клун, големи крилја со црно бела боја…,а потоа се разговара за неговото гнездо. Објаснете му на детето дека штркот го прави своето гнездо на високите оџаци и бандери, каде во близина има вода, затоа што се храни со жаби и ситни рипчиња.
Во продолжение понудете му заеднички да направите гнездо на штрк користејќи го материјалот кој е наведен. Детето може најпрвин да направи неколку топчиња, туткајќи ја хартијата и да ја наполни тутурутката, а потоа да му покажете и помогнете со ножичките да сече тенки ленти хартија, кои ќе ги прицврстите најгоре со лепак, при што би добиле гнездо. Најгоре може да залепите апликација од штрк која сте ја исекле од списание или сте ја нацртале заедно со вашето дете. Ако вашето дете има желба да слушне и научи за штркот, во прилог и една интересна стихотворба.
Штрак, штрак, штрак -штркот дојде кај нас пак,
ене го кај барата -долета и стапна
и штом ја виде жабата – веднаш си ја лапна.
Подготвил:
Воспитувач – Анкица Поповска