Возрасна група : 4 – 6 години
Наслов на активноста: „Како се чувствувам кога се смеам“ – Разговор пред огледало
Цели на активноста:
-да се поттикнува и оспособува за искажување на своите идеи на повеќе начини
-да се поддржува да ги развива и негува позитивните емоции
-да се поттикнува да ги препознава, именува и опишува сопствените чувства
Потребен материјал: огледало, шешир, очила, машна, листови за цртање, боички
Тек на активноста
Застанете со детето пред огледало и почнете да правите смешни ликови, гримаси. Може да користите и некои реквизити, на пр. шешир, очила, машна и сл. Забавувајте се и смејте се. Потоа поведете разговор со детето – прашувајќи го како се чувствува додека се смее. Поттикнете го да го опише чувството, да посочи со раката каде на сопственото тело ја чувствува радоста – на стомачето, околу срцето, на образите итн.
Прашајте го детето, што друго го радува и го прави среќно – дали е тоа прегратка, нова играчка, прошетка во парк, играта со другарчињата или нешто друго и истото да го претставите со цртеж. Во текот на денот може заедно да изработите и емотикони, односно ликови со различни емоции: насмеан, натажен, лут, исплашен, расплакан лик и сл.
Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова