НАЦИОНАЛНА ПРОГРАМА

Нашата градинка реализира активности базирани на Основите на програмат за воспитно-образовна работа со деца од предучилишна возраст во јавните детски градинки.
Тоа е национален документ, во кој стручно-научните согледувања укажуваат на тоа дека првите години од животот на човекот се фундамент на воспитанието и образованието на секоја индивидуа. Раното детство е важно за севкупниот развој на личноста, и тоа интелектуалниот, емоционалниот и социјалниот развој и со тоа и на важноста на организирано создавање на услови за тој развој. Фактот дека секое дете има свои интелектуални специфики и развојни потенцијали, бара негово поставување во партнерски однос со сите субјекти во воспитно-образовниот процес. Развојните законитости кај секоја детска индивидуа претставуваат императив за потребата од сознавање и учење по пат на игра, интеракција, активирање во истражувачко-откривачки процеси и решавање на различни проблемски ситуации од страна на секое дете.
Воспитно образовната дејност во детската градинка „Кочо Рацин“ во текот на воспитната 2019/2020 година, ќе се реализира врз основа на Националниот програмски документ „Програмата за рано учење и развој“ и стандардите за рано учење и развој, со кои се уредуваат теоретските основи и принципи за рано учење и развој на деца од 0 до 6 год., цели, примери на активности, очекувани резултати, соработка со родители и сл. Развојот на детето претставува процес на промена, кој настанува како резултат на почитување на индивидуалните карактеристики на детето, следење на неговите внатрешни сили и природниот развој во кој детето ги зголемува и ги зајакнува вештините за движење, размислување, чуствување, зборување. Развојните домени (аспекти) се дефинираат како различни аспекти на развојот на детската личност, иако малите деца се развиваат холистички и посебните развојни домени се меѓусебно поврзани. Стандардите се очекувања за она што децата треба да знаат и умеат да направат во текот на нивниот развој на одредена возраст. Секое очекување е неразделно поврзано со возраста. Реализацијата на целите и задачите предвидени со Програмата ќе има за цел потикнување на севокупниот развој на детето, одговор на потребите на современото дете и современото семејство, унапредување на предучилишното воспитание и образование во градинката, но и пошироко, на дејноста.