News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Весела математика – Вселената низ детските очи

Цели на активноста:   

-Збогатување на знаењата за Сончевиот систем, планетите, вселената

-Да се поттикне способноста за поврзување на количината со симболите на броевите

-Збогатување на детскиот речник со нови зборови и поими

-Поттикнување на развојот на фината моторика, тактилната и визуелната перцепција

-Поттикнување на детската фантазија и креативност

Потребен материјал:   детски енциклопедии, слики, интернет, разновиден ликовен и необликуван материјал,

Тек на активноста

За да го задоволите детскиот интерес за Вселената, посебно за планетите во Сончевиот систем, ѕвездите, метеорите, кометите, ракетите, астронаутите – по пат на разни материјали, овозможете му на детето да стекне одредени знаења според нивната возраст. Посебен момент посветете на учење низ игра, манипулирање, разговор и истражување. А за да ги остварите наведените цели, проверете колку детето знае за Вселената и што мисли.

Колку е голема Вселената, колку планети има? Дали може да ги изброи ѕвездите? Колку е важно Сонцето и зошто?  

/ Преку ликовната техника – сликање, нека го прикаже своето гледање на вселената, а потоа нека Ви раскаже што насликал.

/ Со помош на енциклопедии, слики, едукативни филмови, разговарајте за Сончевиот систем. Понудете му пластелин или харија, за да изработи топчиња во различни големини и бои, кои ќе ги претставуваат планетите кои се вртат околу Сонцето. Истражувајте која планета е најмала, а која најголема. Кои се нивните бои? Која е најблиску, а која е најдалеку од Сонцето? Нека ги подреди планетите во низа  од најмала до најголема, именувајќи ги. Нека ги каже нивните бои, нека ги споредува, брои.

/ На игрите им нема крај…..На лист од блок да ги нацрта, обои и исече планетите и да ги нареди по правилен распоред во Сончевиот систем.

/ Изработете ракета со која може да патува во непознатото, осмислете костим – скафандер за да биде астронаут, научник кој ќе истражува камења од вселената. Заедно отпатувајте до Марс, Месечината или Венера, а друг ден и на Сатурн.

/ Раздвижете се и играјте – Кој прв ќе стигне до целта низ Сончевиот систем? Потоа решавајте проблемски ситуации: Што ќе се случи ако Сонцето се изгасне? Откако детето ќе ви даде одговор и ќе разговарате, пуштете му ја песничката од Поточиња 2008 – Што ли прави сонцето? 

https://youtu.be/0MokKyPTamY   

/ Еве уште една математичка игра … За тоа ви се потребни: книжна корпа за јајца обележана со бројки, темперни бои, апликации од ѕвезди, пинг понг топчиња или топчиња изработени од хартија.

Правила на играта: Секој играч два пати едно по друго  нека фрли со топчето во корпата со цел да погоди ѕвезда, а потоа да ги изброи колку вкупно ѕвезди собрал. Победник е тој што успеал да симне повеќе ѕвезди од небото. 

На крај прочитајте му ја стихотворбата ,,Космонаут“ и преку ликовна техника нека ги искаже своите добри пораки во вселената. 

(Децата се нашето најголемо богатство и ако треба за нив ќе ги симнеме ѕвездите од небото и ќе им ја подариме целата вселена)

Подготвила: Воспитувач – Леонора Танова