News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Сонце, планети и ѕвезди

Цели на активноста:

Развивање на способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на текстот

-Оспособување на детето да раскажува сопствени доживувања и размислувања по слушаната содржина

-Потикнување на љубопитноста, иницијативноста, креативноста и истрајноста

Потребен материјал: слики со сончев систем, лист од блок, темперни бои, фломастери, пластелин…

Тек на активноста

Дури и пред да ја посетат градинката, децата обрнуваат внимание на фактот дека ноќта го следи денот, а сонцето ја заменува месечината. И бидејќи децата се многу љубопитни, тие со ентузијазам прашуваат што е небото, зошто е сино и каде оди сонцето.

Универзумот за деца е необичен и прекрасен свет, во кој Сонцето и ѕвездите сјаат најсилно. Омиленото топло Сонце е исто така ѕвезда, најважната за нас и за нашата планета Земја. 

Прочитајте им го на децата текстот:

Сонцето и планетите, а ѕвездите? 

Денеска можам да го видам убавото Сонце како ѕирка зад облаците. Тоа значи дека денот ќе биде посветол отколку вчера – вака Теди размислува на глас, сам во својата соба. Денеска тој ќе го истражува Сончевиот систем!

Што е тоа сончев систем? – се прашувате. И Теди не знае, но сака да научи. Затоа, ја отвори својата голема енциклопедија. Почна да ги разгледува сликите од планетите кои кружат околу нашето Сонце.

Ајде заедно со Теди  да ги научиме имињата на планетите.

Првата планета, која е најблиску до Сонцето, се вика Меркур. И затоа, таа е најжешката планета. По Меркур, на ред е Венера, а потоа нашата убава планета Земја. Тука има многу сини езера, реки и океани, но и зелени дрвја, трева и полјани. Затоа нашата планета има зелено – сина боја. Погледнете, еве ги по ред сите планети кои кружат околу сонцето.

И што друго научи Теди?

-Планетата Земја врти еден круг околу Сонцето точно за една година – вели Теди. – А сите небесни тела, кои кружат околу Сонцето, го сочинуваат нашиот Сончев систем.

Но, што е со ѕвездите?! Зарем Теди заборави на нив?

-Кога е светол ден, тогаш единствена ѕвезда која можам да ја видам е Сонцето-вели Теди. – А другите ѕвезди биле многу далеку, надвор од Сончевиот Систем. Сепак, јас ги гледам секоја ноќ кога нема облаци на небото. Понекогаш, пред спиење се обидувам да ги избројам. Но, секогаш заспивам пред да се случи тоа. Вечерва ќе се обидам сите да ги избројам – решително рече Теди.

Оставете го детето неколку минути да ги среди впечатоците, па поведете разговор по сликите и преку прашања, навратете се на највпечатливите моменти во содржината, со што воедно го прераскажувате дејствието. На пример: За што размислувал Теди на глас? Која е првата планета до сонцето? Кога ги гледал ѕвездите? Што му се случувало броејќи ги ѕвездите? Притоа зборувате и вие, потсетувајте го, охрабрувајте го и насочувајте го детето да зборува и комуницира со вас, поточно вербално да ги разменува мислите, впечатоците од слушнатото и доживеаното. 

Вака мотивирано повикајте го детето, ликовно да ги презентира впечатоците, понудете му можност преку слика, цртеж, работа со пластелин да ги пренесе впечатоците од овој расказ на свој единствен начин, претставувајќи ги ѕвездите, планетите или сонцето.

Посветете го викендот на неверојатно патување во светот на ѕвездите, набљудувајќи го небото навечер и откривајќи еден поинаков свет.

Подготвил: Воспитувач – Љубинка Томовска