News

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Кој е поважен на фармата?

Цели на активноста:

-Да се развиваат спсобностите за слушање, разбирање и доживување на содржината на литературните творби

-Да се збогатува речникот со зборови кои означуваат поопшти поими

-Да се развива способноста за раскажување со куси целосни реченици

Потребен материјал: апликации од домашни животни, ликовен материјал

Тек на активноста:

Разговарајте со вашето дете за видовите на домашни животни. Поттикнете го да наброи неколку видови на животни, да ги именува, да ги опише како тие изгледаат, каква полза имаат луѓето од нив, со што се хранат и каде живеат… Потоа употребете ги апликациите што ви ги праќам во прилог и вие раскажете му дополнително нешто повеќе за овие домашни животни. Потоа предложете му на вашето дете да му го прочитате драмскиот текст:

  КОЈ Е ПОВАЖЕН

Во еден селски двор се караа коњот, овцата, кучето, петлето и кокошката.

  • Јас сум најважен – се јави прв коњот. Јас ја влечам колата полна со дрва и сиот товар го носам на мојот грб. 
  • Вистина е тоа што го вели коњот – се јави овцата. Но што би правеле луѓето без мене? Јас им давам млеко, а и мојата волна ја користат за облека и покривки. Дури и моето месо го користат за јадење, а тоа е полно со витамини, а од моето млеко прават млечни производи. Затоа коњче, не можеш да кажеш дека си поважен од мене. Бе..е..е…е.
  • Големи фалбаџии сте вие – се јави кучето. Што ќе се случи ако некогаш лошиот волк е гладен и посака да си касне мевце, а и лисицата може да посака пиле или кокошка? ! Е….е…ее.. другари мои, јас сум најважен. Јас ја чувам куќата од сите непријатели, јас сум вашиот најверен другар, ауууууу……заржа строго на крајот кучето.

Кукурикуууууу…..закукурика петлето од една гранка. Кој ќе го разбуди стопанот наутро ако не сум јас. Ако не стане навреме, работите ќе останат несработени. И сега да ве прашам јас, има ли некој поважен од мене?!

  • Уште не беше завршило петлето, кога од некаде се раскокодака кокошката. Јас му носам на стопанот јајца и од моите јајца се изведуваат пиленца, а јас ги чувам и ги учам. Значи без мене тие не можат да живеат, а има ли нешто поважно од тоа?

Ова го слушна стопанот, па рече:

  • Без потреба се карате. Сите вие подеднакво сте важни. Секој од вас врши важна работа, а јас без вас не би можел ништо да работам. Животните се погледнаа и рекоа – Така е, и ние без тебе не би можеле да живееме.

Откога ќе го прочитате текстот, поведете разговор со детето за содржината  и охрабрете го да го прераскаже. Поттикнете го вашето дете да раскажува со куси, целосни реченици со правилно изговарање на зборовите и јасна дикција. Обидете се да му поставите неколку прашања, а детето правилно да ви одговори. На пример: Именувај ги животните кои учествуваат во драмскиот текст? За што се карале животните меѓу себе? Што мислиш кој бил во право? Каков одговор им дал на крај стопанот? Каква поука извлече на крај од драмскиот текст?

Потоа на крајот од активноста, може да му предложите на детето да се обиде да го илустрира драмскиот текст или пак да нацрта едно од домашните животни. Поставете бел лист хартија и дрвени боички. 

Секако творбата можете да ја изложите во неговата соба и да го пофалите вашето дете!

Пријатна работа!

Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска