News

Наслов на активност: (4 – 6г.) По бескрајните патишта на вселената

Цели на активноста: 

-Поддржување при појава на иницијативност и интерес за стекнување нови знаења, за вселената и небеската широчина. 

-Стекнување знаења преку конкретно набљудување, откривање, резонирање, истражување и поттикнување кон поставување прашања за непознати предмети, лица и настани во моментот на опсервирање.

-Развивање на мисловните процеси: анализа, внимание, помнење, логичко поврзување, заклучување во процесот на учење, откривање и осознавање.

 -Развивање и користење на говорниот јазик и збогатување на детскиот речник со нови зборови и поими.

Потребни материјали: ѕвездите и небеските пространства, детски телескоп, двоглед, слики, фотографии, енциклопедии, разновиден ликовен материјал, готови модели.

Тек на активноста:

Пријатна Февруарска вечер. Вие го поведувате вашето дете до прозорецот и го каните на заедничко и замислено патување во вселената. Објаснувате: – Ова е интересно и возбудливо чекорење во просторот околу нас, затоа биди трпелив и чекај многу изненадувања и случувања. Патем кажувате: – Ти знаеш дека околу пладне, Сонцето свети на небото. Тоа свети и кога небото е покриено со облаци и кога врне дожд. Тоа го исполнува целото небо со својата светлина и таа светлина е толку силна што ја засенува светлината на ѕвездите. Да, преку ден е така, а ноќе…?! Заедно погледнувате кон небото, а пред вашите очи величествена ноќ – темно, црно небо со безброј жолти, трепкави фенерчиња, кои ги нарекуваме ѕвезди. Насочете го детскиот поглед, оставете го неколку минути да ужива во глетката, па поттикнете го да ги набљудува, да ги споредува, да ги опишува по боја, по големина, по снопот на светлина ѕвездите пред неговите очи. Објаснете му: – Луѓето долго во минатото верувале дека Земјата е рамна плоча, а дека небото е сместено над неа како некој огромен пехар или свод. Но, ти знаеш дека Земјата, има облик на топка која кружи во вселенскиот простор, а небото ја опкружува од сите страни. Ѕвезди, значи, има насекаде околу нашата планета и може да се видат од било кое место на Земјината топка.

Ако во вашиот дом постои двоглед или детски телескоп, секако со него можете да истражувате повеќе. Наместете го така, да одговата на вашите очи и набљудувајте, патем замислете го како најголемиот телескоп од современа опсерваторија, во која астрономите откриваат, истражуваат и испитуваат за Сончевиот систем. За Сонцето, планетите што се вртат околу него, планетоидите – мали планети и метеори. Сонцето е само една од милијардите ѕвезди во вселената, а изгледа големо, затоа што ни е многу поблиску од другите ѕвезди. 

Самата ѕвезда СОНЦЕ е џиновска топка од вжарени гасови, со многу висока, висока температура. Без сончевите зраци – топлината и нивната светлина на Земјата не би постоел живот. 

Во моментите на разговор, забележувате “ѕвезда што паѓа”. Насочете го детскиот поглед и објаснете: – Луѓето илјадници години гледале ѕвезди што паѓаат и се прашувале какви ѕвезди се тие и од каде се…? Некогаш верувале дека доаѓаат од некои други светови, но денес знаеме дека тоа воопшто не се ѕвезди. Тоа се МЕТЕОРИ – мали цврсти тела, што патуваат низ просторот и можат да минат низ Земјината атмосфера. Многу од нив се уништени од високата температура, а на Земјата стигнуваат само поголеми парчиња, кои најчесто се појавуваат збрани во “метеорско јато”, па кога паѓаат на Земјата ние гледаме “метеорски дожд”. А, парчињата од нив кои допреле до површината на нашата планета се викаат “метеорити”. 

Но, КОМЕТИТЕ се нешто друго! – тие се далеку во вселената, составени се од камења, крш и мраз и кружат елипсовидно околу Сонцето, па кога ќе му се приближат обично зад себе оставаат, видлив сјаен опаш. Таква е Хелеевата комета, што во просторот околу Земјата се појавува на секои 76 години. Постојат и други ѕвезди што ги гледаме во нашата галаксија – Млечниот Пат или Кумовата Слама – кажувате Вие. Тие се вистински сонца, но се толку далеку од нас што одалеченоста не се мери со километри туку со светлосни години. Постојат такви, безброј, безброј галаксии – дообјаснувате, со што и големината на вселената тешко можеме да ја замислиме…!

И повторно трепкањето на ѕвездите нека го привлече вниманието на Вашето дете. Задржете го погледот и препознавајте интересни шари, букви или фигури кои ги прават ѕвездите групирани во соѕвездија. Именувајте и покажувајте СОЅВЕЗДИЈА, “Голема Мечка” – која наликува на кола, па често се нарекува “Голема Кола”, соѕвездијата “Орeл”, “Лав”, “Мала Мечка”, со карактеристичната и неподвижна ѕвезда на неа наречана “Поларна ѕвезда” или “Северница”, појаснувате: – Астрономите, постојано откриваат нови и нови ѕвезди и заедно со останатите ги бележат на ѕвездените – небеските карти. 

Но вие не застанувате, прошетката низ вселената продолжува. Со децата ја набљудувате МЕСЕЧИНАТА, заедно ја опишувате и зборувате за неа, а Вие појаснувате: – Месечината е природен сопатник – сателит на нашата Земја. Кружи околу нас и не обиколува за неполн месец. Сето време кон Земјата е свртена со една, иста страна. Сонцето осветлува помал или поголем дел од Месечината па ние само тоа го гледаме. На Месечината нема ниту воздих, ниту вода, па затоа нема живот. Пред пеесетина години, за прв пат астронаутите Нил Армстронг и Едвин Олдрин со вселенскиот брод Аполо зачекорија на нејзината површина.

Но освен нашата планета Земја, околу Сонцето кружат уште осум други ПЛАНЕТИ, ракажувате: – На подалечните планети од Сонцето е постудено и се е од лед, а на поблиските е потопло и се врие, па поради тоа човекот не би можел да живее на нив. Во Сончевиот систем поставени се во редослед: Меркур, Венера, Земја, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун и Плутон /џуџеста планета/. 

Секако постојат и други услови на тие планети поради кои, е неможен живот како што го имаме на Земјата. Постојат и други ѕвезди како што е Сонцето, меѓутоа вселената во својата бесконечност крие појави што на Земјата се, сеуште непознати.

Со кажаново до сега, повикајте го Вашето дете да размислува, да споредува, да раскажува, да доживува, да идентификува, да истражува и открива за “загатката” ВСЕЛЕНА /понудете слики, фотографии, енциклопедии, видео записи…/ и во взаемна интеракција и двонасочна комуникација со Вас, да ги открива своите ставови и впечатоци од ова возбудливо и прекрасно патување а преточено во детски цртежи, слики, модели и богати игри што ќе следат /во прологот што следува ви испраќам повеќе предлози и идеи/. Пријатна и успешна работа.

Подготвил: Воспитувач – Бубе / Љубица Тасковска