News

Наслов на активноста: (4 – 6г.)  Мојата планета Земја

Цели на активноста:

-Поттикнување за осознавање и откривање на елементарни претстави за планетата Земја –делови во  и околу Земјата (растителниот и животинскиот свет и заштита на истата);

-Мотивирање за учење, откривање и истражување на нови работи;

-Негување на говорниот јазик и збогатување на детскиот речник со нови зборови и поими;

-Развивање на истрајност и мисловните процеси на учење и откривање.

Потребен материјал: енциклопедии, списанија, сликовница, глобус, балон на која ќе ја нацртате планетата Земја, портокал, топка, пластелин, глинамол…

Тек на активноста:

Дали сте се запрашале некогаш што е всушност Земјата?

Да, тоа е планетата  на која живееме, на која сме се родиле и пораснале. Секојдневно поминуваме километри газејќи ја, скокајќи, трчајќи и играјќи на неа. Земјата е наш најголем и единствен дом. Но што всушност е Земјата, сега драги дечиња накратко ќе ви раскажам приказна за неа.

Земјата е една од осумте планети во Сончевиот систем. Таа е трета планета по оддалеченост од Сонцето и најголема со цврста површина.

Земјата е една огромна камена топка што се врти во вселената. Таа е создадена од гасови и од прав. Таа била толку жешка, што станала топка од течни карпи. Се верува дека во центарот на Земјата се наоѓа огромна топка стопено железо. Помеѓу таа средишна топка и земјината кора, слојот се вика – Плашт. Со текот на времето нејзината површина се ладела и се создала тврда кора, која се состои од тврди камења, разделени во вид на плочи. Над тие плочи лежат копното и океаните.

Со години се менувал нејзиниот облик, но се менувала и климата. Некои животни изумирале, а се појавиле други кои можеле да преживеат во нови услови.

На почетокот на Земјата немало живот. За време на бурите и невремето се создале планините, морињата, а подоцна и првите живи суштества кои живееле во морињата, првите растенија, диносаурусите….Подоцна се појавиле и првите човеколики суштества кои живееле во пештерите. Земјата е извор на енергија, на неа растат растенијата во природата, таа дава храна за живиот свет, со помош на сонцето и водата.

Но што е тоа што ја штити земјата од силните сончеви зраци?!

Таа е обвиена со воздушен слој што се нарекува – АТМОСФЕРА. Овој воздушен слој ги спречува опасните сончеви зраци, да го изгорат живиот свет на Земјата.

(За полесно да им објасните на децата што е Атмосфера, земете еден портокал и излупете го. Кората што ќе ја излупите ќе биде Атмосфера, а внатрешниот дел на портокалот Земјата. Всушност без атмосфера нема да има живот, воздух, дожд…)

А сега фатете го вашето дете со двете раце и заедно скокнете. Колку високо можете да скокнете?…Земете еден балон или топка и фрлете ги од височина. Тие ќе паднат на земјата. Всушност земјата ги привлекува тешките предмети побрзо од лесните.

Е, таа земјина сила се нарекува – ГРАВИТАЦИЈА. Токму таа ни овозможува да газиме слободно на земјата.

Секоја година на 22 април во целиот свет, се одбележува Денот на планетата Земја. Секој ден се повеќе учиме како со љубов да се грижиме и да ја чуваме. Најголем подарок се водата и храната што постојано планетата Земја ни ги дава. А ние со благодарност ќе и вратиме – со здрава животна средина.

Збогатете ги детските знаења со овие прекрасни стихови за нашата планета.

Децата и планетата

Децата од сите градинки
имаат свое право!
Да ја чуваат планетата Земја
и да растат здраво!
Да ја обојат во зелена боја
со стебленца што живот значат.
Да ја сакаат како лично своја,
од среќа и радост да зрачат.

(Драги родители во прилог на дадената тема, може да користите- енциклопедии, сликовници, списанија, глобус, балон – на кој ќе ја нацртате Земјата, пластелин, глина или друг материјал со кој ќе играте и ќе творите за планетата Земја.

Подготвил: Воспитувач – Теодора С. Петковска-Теди