News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Усвојување на математичките поими: побрзо – побавно 

Цел на активноста:

*да ја развива способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на литературните творби

*да се развива способноста за стекнување нови знаења, преку различни литературни видови

*запознавање со семафорот, како еден од најважните знаци во копнениот сообраќај

*да се воведува во усвојување и разликување на поимите – побрзо и побавно

*да се поттикне доживувањето на математиката како пријатно искуство

Потребен материјал: слики од превозни средства, превозни средства, сообраќајни знаци, семафор, ликовен материјал…

Тек на активноста 

Штом го напуштиме нашиот дом и излеземе на градските улици, сите ние стануваме дел од сообраќајот, некогаш како возачи, некогаш како пешаци. Во секој случај мора да бидеме многу внимателни и да ги почитуваме сите сообраќајни правила и закони. 

За таа цел, излезете со Вашето дете на прошетка до блиската улица и додека се движите насочете му го вниманието на сообраќајните знаци што ќе ги сретнете по пат. Објаснете му што „кажуваат“ тие: Пешачки премин, Деца на патот, Патека за велосипедисти, Стоп, Забрането паркирање… Кога ќе дојдете до поголема сообраќајница, застанете на безбедно место и набљудувајте ги возилата. Поттикнете го детето да воочи и да размисли кој е побрз: Велосипедот или автобусот? Моторот или автомобилот? А кој е побавен – комбето или пешакот? Автомобилот или тротинетот? Продолжете ја играта, споредувајќи ги другите превозни средства: дали е побрз бродот или чамецот; дали е побавен возот или автобусот; дали е побрз авионот или халикоптерот? Споредувајте, објаснете….. размислувајте заедно, дали брзината зависи од тоа  – превозните средства дали се движат на копно, во воздух или по вода….

Возилата на улицата, можат да бидат побрзи или побавни, но едно е важно – сите мора да го почитуваат најважниот знак – семафорот.

Кога ќе го забележите првиот семафор, поразговарајте за неговата работа, за знаците што ги покажува со помош на трите светла, која боја што означува? Појаснете му зошто е исклучително важно да се почитуваат боите на семафорот и за возачите и за пешаците. Кога ќе се вратите од прошетката, прочитајте ја заедно стихотворбата :

СЕМАФОРЧЕ – ДРУГАРЧЕ

Семафорче – другарче

Убаво и чудно,

дење ноќе светкаш –

секогаш си будно.

Верувај ми мене,

не те фалам лажно,

ти си во сообраќајот,

за нас многу важно.

Внимаваш на сите,

на секој што се движи,

за нашата безбедност, 

секогаш се грижиш.

Повторно прочитајте ја, но овој пат по секоја строфа – поставете му прашање на детето: Во кои бои свети и што значат тие? Зошто е тој толку важен? Како се грижи за нашата безбедност? Потоа потрудете се, детето да ја меморира.

Доколку детето има желба, предложете му, самостојно или со Ваша помош, да нацрта семафор и да го обои или да го изработи во техниката цепи – лепи со самолеплива хартија или пак со печатење со темперни бои.

Во прилог има и работни листови, преку кои детето ќе може полесно да ги усвои поимите побрзо – побавно.

Подготвил: Воспитувач – Сашка Михајлова