News

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Животните од нашата Зоолошка градина 

 Цели на активноста:

  • Натамошно развивање на функцијата на говорниот апарат
  • Оспособување за контролата на движење – практична самоконтрола
  • Запознавање со карактеристичните облици на движење на животните ( трча, плива, лета, скока, лови..)
  • Усовршување на фината моторика
  • Развивање на смислата за обликување со разновидни материјали кои се спојуваат или обликуваат со кинење, сечење, лепење и др.

Потребен материјал: слики од животни, енциклопедија, хамер, ликовен прибор и други неликовни материјали, гатанки… 

Тек на активноста

Сите ние знаеме дека животните се омилени другарчиња на децата. Не е тајна дека децата ги обожаваат животните. Доволно е само да ги погледнете во очи кога пред нив стои мило животинче, за да видите неизмерна радост во нивниот поглед. Без оглед дали станува збор за шумски, домашни животни, децата уживаат во друштво и забавата кои ги нудат нивните пријатели од животинското царство. Да не заборавиме дека љубовта кон животните се раѓа и негува од најрана возраст. 

Изработете со детето апликации од различни видови на животни кои живеат во зоолошка градина  ( можете да симнете сликички со животни од интернет). Превртете ги наопаку и почнете да играте игра. Најпрво детето нека извлече една сликичка а потоа и Вие. Откако ќе одбере сликичка со животното – негова задача е да го именува, разговарајте за неговата големина, дали е големо или мало, дали има пердуви или крзно, во која боја е и колку нозе има, со што се храни и каде живее  (можете да користите енциклопедија), а потоа и да го имитира, односно да покаже како се движи, скока, какви звуци испушта т.е како се огласува. Нареден играч кој одбира сликичка сте Вие. Ваш ред е да го именувате и да кажете се што знаете за него. Во која група припаѓа, во групата на цицачи, рептили, инсекти…

Зборувајте за тоа кој се грижи и ги негува животните во зоолошка градина. Тој човек се вика ЗОО неговател  и им дава храна на животните, се грижи за нивното живеалиште, се грижи кога ќе се разболат. Прашајте го детето  кои животни му оставиле најголем впечаток, при последната посета во зоолошка градина.

Потсетете го за птиците во зоолошката градина. Орелот – најголемата птица со најголемите крилја е заштитно животно во нашите краеви. Тој е крал на птиците и се разликува од останатите птици грабливци по својата големина и моќна градба. Тој е симбол за храброст, сила и бесмртност. Во нашите краишта најзастапен е Суриот орел. Во зоолошка градина можеме да видиме и други птици како: повеќе видови на кокошки, патки, гуски, лебеди, папагали…. 

Да не го заборавиме и кралот на животните – Лавот, кој што припаѓа во семејството мачки. Тие големи мачки: тигар, рис, пантер доаѓаат од природата од Африка и Азија, топлите краеви.  

Додека пак волкот е најголемиот претставник од семејствотот кучиња, кој живее во дивина. Волкот живее во глутница. 

Спомнете и за групата рептили, каде што припаѓаат кралската змија, боа, крокодилот, австралискиот змеј, каде што сите овие видови на рептили можат да се видат во нашата зоолошка градина.

Денешната главна активност е изработка на постер со животни од нашата зоолошка градина. Понудете му на детето слики од разни видови на животни, а притоа поделете го хамерот на три еднакви делови. На едниот дел нека ги залепи сите животни кои припаѓаат на групата цицачи, на другиот дел група рептили и на последната колона животните од групата  птици. Откако ќе го изработи постерот нека спореди кој е најголем, а кој е најмал цицач, каде живеат на копно или вода… Така детето ќе стекне поголемо знаење за животните и нивната поделба. Исто така ви нудам и повеќе идеи за активности кои што може да му бидат интересни:

Маска на лав – потребен материјал: Хартиено чинивче во бела боја, темперни бои, четка, ножици, конец. Детете со  помош на темперни бои, нека изработи  маска на лав. Потоа со ножици нека ја исече ивицата на чинијата, која што ќе ја означува гривата на лавот. Ставете очиња пластични и нека декорира …

Пингвин од рециклирачки материјал – потребен материјал: пластични шишиња, темперни бои, четка, пластични очиња.. Детето нека го обои шишето во црно бела боја исто како и боите на пингвинот, залепете му очиња и ставете клунче од хартија..

Најди ја соодветната опашка на животното – Поврзување 

Гатанки

*Во голема шума
ѕверка се крие, а во зима,
во пештера спие… (мечка)

*Во Африка на секој чекор,
од страв се ежам,
во град, насред пат,
со моиве црно-бели
ребра лежам… (зебра)

*Знае и голем и мал,
немам круна,
а на животни сум крал.
Од никој не ми е страв,
затоа што сум…(лав)

Подготвила – Силвана Бошковска- Ќулавковска