News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Усвојување на математички поими: плитко – длабоко

Цели на активноста:

-развој на способност за просторно ориентирање и вербално искажување на односите
-поттикнување способност за користење на математички поими и операции во опкружувањето
-усовршување на око – рака координација.

Потребен материјал:  работни листови, фломастери, боички….

Тек на активноста

Креирањето на математичка игра е предизвик зa децата во која тие можат активно и непосредно да учат.

Денешната активност ги опфаќа поимите плитко – длабоко. Имено, најдобро објаснување и поврзување со овие поими би било со споредување со водните сообраќајни средства (брод, подморница, чамец), но и со водниот свет – кој плива во плитки односно длабоки води – риби, китови, ајкули. 

  • Понудете им го првиот работен лист, каде децата најпрво ќе ги одвојат водните сообраќајни средства од останатите. Насочете ги да ги именуваат и по вид и по боја.
  • Потоа, надоврзете се со вториот работен лист, каде од децата се бара да направат разлика, а потоа и да ги поделат (направат множество), елементите на тие кои пловат и оние кои пливаат.
  • Третиот работен лист бара од децата и малку боење, развој на око-рака моторика и графомоторика, со тоа што со сина односно зелена боја соодветно ќе ги обојат предметите, но воедно и ќе направат  поделба -кои предмети би пловеле, а кои би потонале.  А, зошто е тоа така ќе им објасните Вие.
  • Во вториот дел од истиот работен лист, децата ќе имаат можност да цртаат и воедно и да покажат дали разбрале кои предмети би пливале во плиткото, а кои би потонале во длабокото и зошто. Секако, Вие ќе им помогнете да дојдат до точната констатација.

Во прилог на оваа тема, доколку имате аквариум, овие два поима уште подобро би им ги објасниле, бидејќи и визуелно ќе можат да направат разлика преку рибите во истиот. Како надополнување на овој пример, понудете им го работниот лист со празниот аквариум, во кој тие ќе нацртаат риби кои пливаат во плиткото и риби кои пливаат во длабокиот дел од водата.

На крајот, поведете разговор и направете релација со многу посакуваниот летен распуст и нејзиното височество водата, во која децата уживаат да пливаат во плитки односно подлабоки води. Разговарајте за уживањето во водата и за тоа во кој дел децата пливаат (плиткиот или подлабокиот дел) и објаснете им што значи тоа. Притоа, користете ги последните три сликички во боја и поттикнете ги децата сами да зборуваат и опишуваат што гледаат.

Have fun!

Подготвил: Воспитувач – Емилија Савовска