News

Наслов на активноста: Сликовница ,,Волшебниот кројач”

Цели на активноста: 

-Поттикнување на творечки способности во говорното и драмското творештво
-Да се оспособува детето за слушање и разбирање на текстови и приказни презентирани од возрасен
-Да се поттикнува на вербална и невербална комуникација
-Развој на креативноста и фантазијата кај децата

Потребен материјал: фотографии од сликовницата (во прилог), текстил, ножици, лепак….

Тек на активноста: 

Со децата поведете разговор за годишното време зима и за нејзините карактеристики (студ, мраз, ветер, снег…). Насочете го разговорот кон тоа каква облека носиме за да се заштитиме од студеното време. Посочете им дека ќе им ja прочитате сликовницата ,,Волшебниот кројач”.

Волшебниот кројач

Една зима беше многу студено за жителите на Волшебната шума. Таму имаше многу снег и животните се жалеа дека смрзнале од студот. Се досетија и тропнаа на вратата на гномот Бобо да побараат потопла облека.  Гномот Бобо им одговори дека повеќе нема платно, но за кратко му текна една идеа. Бобо ја мина речиси цела шума на санка за да стигне до домот на џинот. Тој знаеше дека џинот е секогаш великодушен кон пријателчињата од шумата.

-Еве еден пар стари панталони, јас сум малку поправен и сега ми се тесни -веднаш одговори џинот. 

-Одлично, тука има доволно материјал да облечам цело село. Да се надеваме дека ќе успеам да го однесам дома со санкава – рече Бобо.

Во својата работилница, Бобо измислуваше нови стилови на облекување. Му помагаа буба марата и глувчето, а истовремено се топлеа во топлиот кројачки дуќан. 

-Па да видиме…јакна за лисицата, наметка за дабарот, капут за ласицата, капа за глувчето, елегантно одело за верверичката, а за жабарот еден пар убави чизми. Нема разлика во дезенот и боите на материјалот, но веќе никој нема да се пожали на студот во Волшебната шума. 

Без волшебно стапче, кројачот гном успеа да направи чудо. Неговата облека е елегантна, но најважно од се – таа е топла. 

-Бобо ти си вистински волшебник, сега снежните веавци не ни можат ништо – му се заблагодарија животните на гномот Бобо.

-Дојдете повторно напролет, пријатели! Имам доволно материјал да ви сошијам летна гардероба, па дури и по некој  костим за капење. 

Откако ќе им ја прочитате сликовницата, охрабрете ги преку кратки прашања поставени од ваша страна да ја обработат нејзината содржина. Разговарајте за омилените ликови во приказната, и извлечете поука.

По завршување на обработката на содржината, можете да им предложите со ваша помош да изработите облека за животните. Понудете им ги потребните материјали (текстил, лепак и лист со нацртано или испечатено шумско животно). Поттикнете го детето да ја искаже својата креативност и фантазија, креирајќи разновидна облека за животното, која со помош на ножички заедно ќе ја искроите, а потоа ќе ја залепите на листот. 

Подготвила – Маријана Гиразова