News

Наслов на активност: (4 – 6г.) Македонско народно творештво – Марко Цепенков раскажува… ”Е, што убаво кажува мојот народ, јас го бележам, да не се заборави”…

Цели на активноста: 

-Оживување на народната традиција и обичаи и збогатување на детскиот речник со зборови од народниот усен или пишан говор, народни изрази и поими;
-Запознавање со содржината на литературна творба – Бајка, истражувајќи по минатото преку народната книжевност;
-Воведување на детето во користење на говорот како средство за изразување на своите мисли, чувства, доживувања и подржување во правилно, разбирливо говорење со умерена јачина и темпо на глас;
-Развивање на способноста за слушање, разбирање и доживување на содржината на расказот;
-Поттикнување на способноста за елементарно оценување на карактеристиките на ликовите во содржината и нивните постапки;
-Оспособување на детето да раскажува сопствени доживувања и размислувања по слушната содржина;

Потребни материјали: слика, кукли со ликови девојчиња, разновидни листови, боички, сликарски прибор, пластелин и глина, волница и стари крпчиња и украсни детали /срма, монистри, копчиња, пантлики…/.

Тек на активноста:

Народното творештво, во кое раскошно се изразил и се зачувал мекедонскиот “гениј”, е една од најважните придобивки на вековното постоење на нашиот народ, низ времето и историјата. Токму затоа, Почитувани предлагам и повикувам: – Ајде, заедно да ги доближиме до нашите деца, народните приказни, народните песни, поговорки, легенди, преданија, обичаи, залагалки, гатанки, поуки…, пишувани на наш народен јазик. Да им објасниме дека тие се создадени низ вековите, во нив се сочувани нашите корени и се што се случувало во минатото. Од генерација на генерација, од колено на колено, од дедо на внук, од татко на син, со векови се пренесувани. Некој усмено, а некои се запишани и така до ден денес се сочувани. Во нив се опеани многу наши градови и села, многу јунаци и нивните храбри дела… Некој од нив се весели, а некои се тажни, ама и едните и другите подеднакво ни се важни. Терзијата Марко Цепенков – истакнат собирач на македонски народни умотворби, кои имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, за лингвистиката, милувал за себе да каже:

Јас сум ти како питач што одам

од куќа до куќа и бележам што ќе слушнам,

да остане вечно, да не се заборави. 

И сега, на сто годишнината од неговата смрт, да кажеме за неговата богата ризница – собрана во десет тома и пишувана на народен јазик, каде е преточена сета љубов и топлина на дедовото огниште, народните обичаи, традиција на минатото на својот народ.

Посебна вредност имаат неговите народни приказни, која се состои во богатата употреба на симболи, слики и дијалози, како и во богатството на зборовите. Сликите ги изразуваат внимателно избраните и мајсторски распоредените детали… Во приказните повторувањето на највпечатливите моменти или карактерни црти, предизвикуваат поголема ефикасност на дејствието, а ритамот во сменување  на настаните е различен и динамичен. 

Оваа колористичност на дејствија е највпечатлива во БАЈКИТЕ, кои воедно имаат највисока книжевна и научна вредност и тие ја представуваат кулминацијата на народната приказна. Кажаното досега најверодостојно е потврдена и во бајката “Девојчето и дванаесетте месеци”. А Вие, почитувани нај едноставно со кукла – лик на девојче, најавете ја содржината и именувајте го насловот, разкажувате – читате. Притоа подржувајќи ги основните компоненти на изразниот говор: темпо, интонација, пауза, модулација, ритам, акцент, за целосно да го мотивирате и концентрирате Вашето дете.

Девојчето и дванаесетте месеци

Си беше еднаш една жена и си имаше две ќерки: едната беше нејзина, родена ќерка, а другата и беше паштерка, ќерка на мажот и. Својата ќерка многу си ја сакаше, а паштерката ич не ја милуваше, само ја караше и и даваше да работи како да е слугинка. Но, колку повеќе ја тераше да работи, толку повеќе паштерката растеше во здрава, силна и убава девојка. А пак нејзината родена ќерка, која не мораше ништо да работи и по цел ден одмараше, целата беше сува и слаба, бледа и неубава да ја гледаш. Маќеата мислеше и коваше злобни планови, сакаше да се ослободи од паштерката, па една вечер и падна на памет, кога мажот и беше на пат, да ја пушти да донесе вода од чешмата што беше далеку од дома и рекла:                                                                                                                                                                        -Оди, чумо, да донесеш од изворот вода, та да не се вратиш!           Девојчето послушно зело две стомни и тргнало во ноќта кон изворот. Кога стигнало до него, гледа чудо: околу изворот седеле единаесет мажи, едни високи, други ниски, трети стари, сите наредени во круг на едно тркало. Тука била и една баба. Девојчето, уплашено и со трепет им пришло и тивко им рекло:Добровечер, добри луѓе!

-Старата баба се налутила, веднаш ја отворила устата и ја прашала:

-Ние сме девојче, дванаесетте месеци. Ајде кажи, кои месеци се поубави, а кои се лоши во годината?

-Златна бабо – одговорило девојчето, – сите месеци се од убави, поубави… Нема лош месец во годината!

-Ај наполни вода и оди си, златно девојче, рекла бабата. Да си благословено и од секој збор од устата да ти паѓа по еден златник.

Девојчето се вратило со водата кај маштеата, а нејзе јад ја фатило кога видела дека при секој збор од устата и паѓа по една златна пара. Утревечерта пак си седеле во дворот мајката, ќерката и паштерката. Кога се стемнило, мајката и рекла на ќерката: Појди, чедо, сега ти по вода. Белки ќе се вратиш и ти со златна уста.

-Ќерката ги зела двете стомни и пошла во ноќта кон изворот. Кога стигнала, гледа чудо: пак околу изворот седеле единаесетте мажи и една баба, наредени во круг на едно тркало. Уплашена ќерката се стаписала, та не рекла ни добровечер. Тогаш отворила уста бабата, ја прашала:

-Ние сме девојче, дванаесетте месеци. Ајде кажи, кои месеци се убави, а кои лоши во годината?

-Па и малите деца знаат кои месеци се полоши, – одговорило девојчето. – Еднаш Јануари и Февруари се најлоши, а Марта е најлуда, со триста умишта! 

-Ај наполни вода и оди си, злобно девојче – му рекла бабата. – На секој збор од устата да ти излегуваат камчиња!

Кога ќерката се вратила дома, едно прозборување, од устата почнале да и излегуваат камчиња. Мајката бесна, избезумена, почнала да вика и да ја тепа својата паштерка. Златното девојче од што ја молело со милни зборови, се засипало во блесокот на илјадниците златници што му паѓале од устата. А, кога се вратил од пат таткото на девојчето, разбрал се и веднаш ги избркал од дома маќеата и нејзината ќерка. Си ја гушнал, си ја бакнал ќерка си и заплакал. Но, во секое зло и добро! Таткото и ќерката си живееле убаво и среќно уште многу, многу години.

Оставете го детето неколку минути да ги среди впечатоците, па поведете разговор по слики и преку прашања навратете на највпечатливите моменти во содржината, со што воедно го прераскажувате дејствието. Пример: За кои личности се зборува во оваа приказна? Какви се личностите? Како се пртставени месеците во приказната? Спореди ги паштерката и ќерката. Притоа зборувате и Вие, потсетувајте го, охрабрувајте го и насочувајте го детето да зборува и конверзира со вас, поточно вербално да ги разменува мислите, впечатоците од слушнатото и доживеаното. Цитирајте Вие: ВО СЕКОЕ ЗЛО – ДОБРО!        

Вака мотивирано повикајте го детето, ликовно да ги презентира впечатоците, понудете му можност преку слика, цртеж, преку изработка на ликови и модели, да ги пренесе впечатоците од оваа прекрасна бајка на свој единствен начин. Заедно дајте си задача, во иднина почесто да другарувате со македонските народни приказни и нашиот народен пишан збор.

Подготвил: Воспитувач – Бубе /Љубица Тасковска