News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Хумористични народни приказни

Цели на активноста:

-Оспособување на детето за учење на различни извори на информации;
-Запознавање на детето со познат хумористичен лик – Итар Пејо;
-Поттикнување на љубопитноста, иницијативноста, креативноста и истрајноста;
-Запознавање на детето со хумористични народни приказни;
-Оспособување за помнење, разбирање и доживување на содржината од народните приказни;
-Да се воведува детето во опишување, раскажување, активно слушање, прераскажување на впечатоците.

Потребен материјал: Youtube, интернет, македонски народни приказни, бели листови, фломастери, дрвени боици…

Тек на активноста: 

Во рамките на хумористичните народни приказни, се обработени многу мотиви како одраз на секојдневните односи меѓу луѓето, нивните најразлични доживувања, судбини и други животни ситуации. Посебно чести и сакани се мотивните на надлажување, надитрување и исмејување на луѓето во нивниот секојдневен живот, со цел да се создаде весела атмосфера и комични моменти. Најчесто овие приказни се кажувале на сред село со смеа и шеги, се пренесувале од колено на колено, од генерации на генерации, од дедо на внук и се така…

Еден од најпознатите ликови во македонските хумористични народни приказни е Итар Пејо, познат и како Итроман Пејо или Итар Пејо-Мариоец, кој е обичен сиромашен македонски селанец од Мариово, а се одликува со извонредна итрина и снаодливост. Во приказните за него, тој секогаш на итар начин им се оддложува на тие што сакаат да му наштетат, а неговите постапки често изнудуваат смеа и почит кај читателите.

Во продолжение следува една хумористична народна приказна во која се сретнува ликот на Итра Пејо:

                           „Итар Пејо му вади заб на селанецот“

Еден од Пејовите селани го заболел заб. Кај ќе оди да го вади ако не кај Пеја?! Отишол и го прашал:

-Знаеш ли, Пејо, да вадиш заб?

-Знам, како да не знам – одговорил Пејо. Од тоа полесно што има? Само ти седни на столчево и биди мирен. Му го подаде смрековото столче со три нозе, кое имаше на средината дупка.

Седна селанецот, а Пејо се засука да работи. Наостри еден кол и го забоде во земјата пред селанецот. Потоа исука еден дебел конец и го врза едниот крај за колот, а другиот за забот од селанецот. Се заврте зад него и си зеде една игла и полека – полека го боцна од дупката под столот. Кога Пејо скокна, забот остана на конецот. 

Фаќајќи се селанецот за боцнатото месо почна да вика:

-Т-и-и-и! Колкав корен имал овој заб, дури долу ме заболе. Си отиде задоволен од Пејовиот мајсторлак, уверен дека коренот од забот бил долг и дека болките од иглата со која го боцна Итар Пејо, се болки од извадениот заб.

Прочитајте му ја неколку пати приказната на детето, за да може подобро да ја разбере содржината, објаснете му ги непознатите зборови, разговарајте за тоа што му оставило најголем впечаток, кој дел му бил најинтересен од содржината, нека се обиде самостојно да ја прераскаже со свои зборови итн.

Потоа дадете му на детето бел лист и фломастери или дрвени боици и со ваша помош потрудете се да го нацртате ликот на Итар Пејо, гледајќи ги сликите кои ќе ви бидат понудени подолу.

Подготвил: Воспитувач – Оливера Ѓоревска