News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Традиционални музички инструменти

Цели на активноста:

-детето да ги разликува традиционалните музички инструменти од останатите
-да се запознае со народниот фолклор
-да ги препознава и именува традиционалните музички инструменти според звукот

Тек на активноста:

На почетокот на активноста поразговарајте во вашето дете за фолклорот, што значи зборот фолклор и кои елементи ги опфаќа.

Поимот фолклор потекнува од англискиот збор (folklore), што значи народно творештво, односно традиција (folk-народ, lore-творештво). Народното фолклорно творештво опфаќа повеќе елементи, каде што творецот својата дарба ја изразувал преку:

-литература (приказни, преданија, гатанки, поговорки, легнди, бајќи, народна поезија)

-ракотворби (ќилими, народни носии, накит, везови)

-различни занаети (филиграни, грнчарство)…

-музика (песни, ора, музички инструменти)..

Народното музичко творештво е претставено преку фолклорот. Македонскиот народен гениј низ вековите ги пренесувал од поколение на поколение стекнатите умеења од областа на фолклорот, затоа денес македонскиот фолклор со својата разновидност важи за еден од најбогатите во светот.

Музичкиот фолклор (народната музика) опфаќа:

-народни песни

-народни ора

-народни музички инструменти

1.Народните песни и ора – Македонскиот народ нема позначајно културно-уметничко наследство од народните песни и ора. Познато е, каде има песна – има игра. Без песна нема игра, а народната игра – оротоне се изведува без песна.

2.Народни музички инструменти – Според начинот на произведување на звукот (тонот) поделени се на повеќе групи и подгрупи. Најчесто се застапени во народните песни и ора, а во интерес на наставата и возраста на децата се практикува запознавање со некои од традиционалните музички инструменти. Најпрво ќе се запознаеме со зурла, гајда и кавал.

 = Зурла =

Зурлата е македонски народен дувачки инструмент, направен од ореово или сливово дрво, но најчесто се изработува од дрво од кајсија. Зурлата има седум дупчиња и едно дупче за палецот од задната страна, како и издувни дупчиња. При свирење, зурлата се држи со двете раце. Овој инструмент има карактеристичен, многу гласен и продорен звук и речиси секогаш е придружувана од тапани. Обично во комбинација свират две зурли и два тапана. Репертоарот на зурлата се состои од ора, кои се изведуваат на свадби, празници….

=  Гајда =

Гајда или мешница – народен музички инструмент, составен од мев (мешина) најчесто од кожа од коза, со три цевки за дување и за свирење. Гајдата е двогласен народен дувачки инструмент кој се состои од гајдарка, која се прави од дрво. Гајдарката  има седум дупчиња на лицето и едно дупче за палецот на опачината. На крајот на цевката се прикачува брчало или рог, кое е направено од три дела кои се спојуваат. Истиот рог го произведува вториот глас, поврзано со мевот.

= Кавал =

Кавалот е македонски народен дувачки инструмент отворен од двете страни, изделкан од едно јасеново парче. Горниот крај на кавалот е малку стеснет и со остар раб. Овој инструмент има 7 дупчиња за прстите на лицето и една за палецот на опачината. При свирење кавалот се држи со двете раце. Со промената на притисокот при дување во него, се менува и висината на звукот. Звукот му е топол и пријатен. Додека во минатото бил овчарски инструмент, денес  се користи во народни песни и ора како дел од ансамбл или соло.


Во текот на активноста, слушајте ги звуците од кавалот, гајдата и зурлата.

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев