News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Традиционална македонска носија

Цели на активноста: 

-да се поттикнува детето да гради позитивен однос кон народното творештво
-да се проширува и збогатува детскиот речник
-Да се поттикне детето кон естетско доживување на опкружувањето

Потребен материјал: испринтани слики на кои се претставени народни носии, листови за боење, фломастери, you tube, листови од блок, молив…

Тек на активноста:

Народните носии во Македонија имаат многувековна традиција. Тие се дел од материјалната култура на македонскиот народ и претставуваат значајна гранка  од народното уметничко творештво.

Денес ве повикувам на вашите дечиња, да им го прочитате драмскиот текст кој ќе ви го приложам и со негова помош да им објасните дека народните носии се создадени од народот низ долга низа години. Луѓето својата облека ја создавале сами со помош на волна, која најпрво жените ја пределе со помош на вретено, а потоа ја ткаеле на разбој  (справа која служела за ткаење на платна, покривки, ќилими). Од добиеното исткаено платно, жените рачно шиеле облека. 

Низ годините народната носија добивала побогат и поколоритен израз. Се шиела народна носија која се носела само на големите христијански празници, потоа шиеле и свадбарска народна носија која ги одвојувала младоженците од другите луѓе и сл.

Женската народна носија се состоела од бела долга кошула, која во долниот дел и на ракавите изобилувала со богати шари во бела, црвена и црна боја и елек, кој бил соодветно шаран со богата декорација од црни, црвени и срмени гајтани. Потоа појас, кој вообичаено бил ткаен од црвено платно и скутина која се разликувала по големина, но секогаш шарена со специфична геометриска декорација. 

На нозете и мажите и жените носеле калци (чорапи кои биле високи до колена или ниски) и опинци како обувки, кои исто така ги изработувале сами од свинска или воловска кожа.

Народни носии исто така носеле и мажите и децата. Машката народна носија се состоела од кошула, која секогаш била бела, елек најчесто ткаен во една боја, бечви (панталони) кои биле шиени од бело или црно платно. Се разбира појасот и опинците биле неизоставен дел. Во прилог е даден драмскиот текст.

НАРОДНО ТВОРЕШТВО

Јована: Јана, каде беше вчера, те барав да си играме!

Јана: Бевме со мама и тато на концерт кај дада, знаеш, сестра ми Марија оди на играорна, па вчера имаше концерт!

Јована: Навистина? Што прави таму, пее?

Јана: И пее и игра, народни песни и ора! Да видеше само како беше облечена?!

Јована: Како?

Јана: Еве ја Марија, да ја прашаме таа најубаво ќе ни раскаже!

Марија: Што да ви кажам, што сакате да знаете?

Јана: Па, за вчерашниот концерт, какви песни и ора имаше?

Марија: Ааа, за тоа? Тоа се народни песни и ора, што ги пеел и играл народот и се пренесуваат од колено на колено. И облеката исто така.

Јована: А каква е таа облека?

Марија: Народна носија се вика. Има бела кошула, елек или клашна, скутина, чорапи, марама или драпна на главата, а на нозете опинци од кожа. Сето тоа извезено со природни бои и везови.

Јана: А машките, што носеа тие?

Марија: Тие беа облечени во бели кошули, бечви, елеци и опинци, а на главите имаа шубари.

Јана: Да видиш Јована колку беа убави и убаво играа оро, фатени за рака!

Јована: А, музика, на каква музика играа оро?

Марија: Народна музика, ора што се свират на народни инструменти: кавал, гајда, зурла, шупелка, тамбура, тапан.

Јана: Како ги правеле сите тие облеки и инструменти?

Марија: Во старо време немало машини, луѓето се рачно изработувале: ткаеле, везеле, плетеле. Сето тоа се вика народно творештво.

Јована: Значи биле вистински уметници и мајстори.

Откако ќе им го прочитате драмскиот текст на децата и ќе поразговарате на таа тема, испринтајте ги сликите што се во прилог и поттикнете го детето да ги препознае деловите од народната носија. Потоа со помош на фломастери нека ги обои сликите што се наменети за боење. Првата слика нека ја обои според дадениот пример, а втората според сопствното доживување. 

Исто така може да му предложите на детето, на лист од блок со помош на молив, да се обиде да нацрта геометриски шари од народните носии во ритам. 

За да биде атмосферата комплетна, во позадина можете да пуштите ЦД со изворни македонски песни.

Подготвил: Воспитувач – Ружица Митровиќ