(4 – 6г.) Во кујната на баба – какви јадења се подготвувале

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Во кујната на баба – какви јадења се подготвувале

  • Изработка на готвач со традиционални јадења (тавче гравче, сарма, зелник, пита, бакрдан, макало), какви садови се користеле (котле, ѓум, грнчарски производи)

Цели на активноста:

  • Да се запознае детето со народното богатство, традиција и култура
  • Негување на позитивни чувства, љубов, почит кон традицијата, обичаите и празнувања на празниците
  • Поттикнување на детето за активно користење на говорот, како средство за изразување на сопствените мисли, чувства, доживувања
  • Да се развива координираноста помеѓу окото и раката
  • Да се потикнува да го развива чувството на припадност во групата, семејството

Потребен материјал: слики, видеа од YouTube, разни списанија, бели листови, ножички, лепак, фломастери.

Тек на активноста:

Јануари е месец на празнувања, убави чувства и доживувања. Веднаш по Новата Година цел месец празници се слават, народни обичаи се прават, од баба на внуче се пренесуваат. Прво Коледе, Бадник, Божиќ, Василица и Водици – за многу години нека ни се празниците – така се вели.

За време на овие празници се готват и традиционални јадења – тавче гравче, сарма, зелник, бакрдан, пача, макала…

Разговарајте со децата за изминатите празници – што сте правеле, готвеле, во какви садови или потсетете се кога сте оделе кај бабите што сте јаделе, а потоа пронајдете и разгледувајте списанија за готвење, Росици, Смешка, стари списанија, рекламни летоци, во кои има традиционални јадења – гравче тавче, сарми, бројни пити и погачи, кифли, макала, во какви садови се користат овие традиционални јадења, а истовремено и разговарајте за нив, како се прават тие.

         

Потоа понудете му на детето да изработите готвач со традиционални јадења, при што детето самостојно ќе ги сече сликите и ќе ги лепи на бели листови, а може и да нацрта со ваша помош некое јадење кое му се допаѓа, секако доколку сака. Декорирајте го направениот готвач, кој ќе ни го испратите за  веб страната, да го споделите со другите другарчиња. 

Понудете му на детето да месите леб или пита заедно, при што тоа посебно од вас ќе меси самостојно, ќе сука со сукало, ќе посипува со брашно, заедно ќе го испечете и ќе се гордее со својот производ. 

Додека работите слушајте ја песната – Питата се пече.

Понудете му на детето да готвите заедно едно традиционално јадење, на пример тавче-гравче, но заедно подгответе го.

Потоа можете да играте – Игра на улоги – поставување на трпеза со традиционални јадења.

Подготвил: Воспитувач – Љубинка Томовска