News

Наслов на активноста: [2 – 4г.] Снегулки од салфетки, облачиња од памук – Истражувачка игра

Цели на активноста:

  • Да се поттикне детето да ги користи движењата на прстите и дланките за конкретна цел
  • Развивање на фината моторика на раката, дланката и прстите и координација око – рака
  • Поттикнување на самостојноста во користењето на ликовниот материјал.
  • Развивање на истрајност и упорност
  • Поттикнување на радост и задоволство од успешно завршената активност

Потребен материјал: бел или светло син картон, памучна вата, три дрвени шпатули, бела салфетка, лепило, ножици.

Тек на активноста:

Во овие студени зимски денови, Ви предлагам да ја реализирате оваа игра и да поминете незаборавни мигови со вашето дете. Оваа активност е забавна и интересна за сите возрасти, а ќе овозможи да се усоврши фината моторика кај детето, ќе се создаде посебна релаксирачка атмосфера и забава.

Изработките на снегулки од салфетки и облачиња од памук се лесни за правење, а ќе претставуваат убави украси во детската соба.

Пред да почнете со активноста, погледнете кон небото и набљудувајте ги облаците (ако има), или погледнете видеа на You Tube каналот, слики, детски енциклопедии, за снегулките и снежните облаци, разговарајте за бојата, формата, големината.

Потоа подгответе го материјалот што ќе го користите за да ги направите изработките.

  1. Исцртајте форма на облак како подлога и исечете ја со ножици.
  2. Потоа дајте му на детето да истисне лепак на подлогата, а потоа нека земе од памукот и нека лепи на подлогата како што ќе посака. Детето ќе ужива во работата со мекиот воздушест памук кој е пријатен на допир.

Продолжете со изработка на снегулки од салфетки.

Пред да почнете со активноста, детето со ваша помош нека ја исцепка, искине салфетката на ситни парчиња.

Потоа залепете ги шпатулите како што е прикажано на сликата. Нека се исуши за потоа полесно да се лепат парчињата од салфетката.

Пофалете го детето за убавите изработки и предложете му да ги залепите на таванот да висат, на ѕидот или на прозорецот. Покажете ја својата креативност и користете други материјали за вашите облачиња и снегулки.

Ги очекуваме вашите фотографии со креативните изработки.

Подготвил: Воспитувач – Мира Георгиевска