News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Поглед во минатото – Традиционални македонски куќи 

Цели на активноста:          

– Развивање на свест за културата, обичаите и традицијата на својот народ -Развивање и негување на детската љубопитност за културното наследство во местото на живеење и народните обичаи.
– Да се поттикне да воочува сличности и разлики
-Да се оспособи за користење на различни извори на учење.

Работен материјал: енциклопедија, слики, фотографии, пластелин или тесто, каменчиња, суви гранчиња, трева, темперни бои….

Тек на активноста

Традиција – значи дека нешто се пренесува натаму, а се користи на повеќе начини. Традицијата е наше најголемо богатство и има длабоки корени. Сите нови традиции и обичаи, не можат никогаш да ги заменат овие наши традиционални прослави, слави, имендени. Тие никогаш нема да ни го загреат срцето и исполнат со радост, како нашите традиционални македонски обичаи.

Секое место на живеење си има своја традиција и културно наследство. Старите градби се сведоци на некогашниот живот. Разгледајте ги понудените слики и разговарајте за старите традиционални македонски куќи. Македонските куќи во почетокот биле приземни (земјанки), градени од камен или испреплетени дрвени прачки (плет,) облепувани со кал и слама и покривани со ржана слама или камени плочи. Потоа куќите биле градени со приземје и кат – куќа чардаклија – дрвени чардаци. 

Поттикнете го да ја опише собата – одајата што има во неа. Поставете му прашања –Колку маси и столчиња има? Колку се и какви се по форма? Од што се изработени? Зошто се викаат троножни столчиња и сл. Во селската куќа, огништето било поставено на средина од собата – одајата околу кое се собирало многудетното семејство. Седејќи околу огништето – се раскажувале приказни, брзозборки, поуки, гатанки, се шегувале, пееле народни песни – преку кои ги изразувале нивните чувства, љубовта кон татковината, своите најблиски и нивната традиција. Ја пренесувале усно, од колено на колено. 

-Помогнете му на детето да изработите во својот дом – етно катче од предмети што ги имате во Вашиот дом или кај баба и дедо.

-Понудете му на Вашето дете – слики од стари македонски традиционални селски и градски куќи, од кои ќе изработи пано.

-Со помош на пластелин или тесто, нека изработи традиционална македонска куќа, на која ќе залепи каменчиња, гранчиња, трева, шишарки и друг природен материјал, а семејното огниште нека го наслика со темперни бои.

-Нашиот народ бил шеговит и испеал многу хумористични песни и бројалки за деца покрај семејното огниште, меѓу кои:

                         ЦУЦУЛ ПАСЕ ГОВЕДА

Цуцул пасе говеда
покрај река Ситница.
Поминала лисица
–Добро утро, Цуцуле!
–Дај бог добро, лисицо!
–Што е врева во село?
–Комар – бег се женеше
за мушичка девојка.
бумбар вода носеше,
мечка брашно сееше,
појќе го лапаше,
отколку го сееше,
болва тапан биеше,
вошка свирка свиреше,
петел дрва цепеше,
кокошка ги редеше,
петелот и велеше-
–Мор‘  кокошке, мендушке,
уб‘о  реди  дрвата,
да н‘ ти скршам ребрата!

Прочитајте му ја на детето повеќе пати и објаснете му ги народните зборови.

Бројалка:  ВЛЕЗЕ МЕЦА ВО ДУЌАН

Влезе Меца
во дуќан
да си купи
фустан,
фустан со реси
за да го треси.
Бегај, Мецо,
од дуќан,
да не земам
прачка – дрен,
ти не рече –
добар ден.

Се надевам дека уживавте во денешните активности. Во интерес на Вашето дете е да ги следите нашите објави.

Подготвил: Воспитувач – Леонора Танова