News

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Учам, откривам, се забавувам…

Цели на активноста:

  • Да се поттикнува самостојноста во користењето на различен ликовен и неликовен материјал
  • Запознавање со карактеристиките со годишното време –зима
  • Да се развие активно слушање при следење на литературна творба
  • Да се поттикне да ги користи движењата на прстите и дланката за конкретна цел
  • Да се развие сетилото за допир
  • Да се поттикнува и да развива способност за раскажување и изразување со куси целосни реченици

Потребен материјал:  Коцка мраз, хартија во црна боја, бела темпера, дрвени стапчиња, чепкалки за уши, лепак, ножици, расказ…

Тек на активноста:

Ах, тие дечиња! Зошто и се радуваат на таа бела кралица! Зимата! Се разбира таа го носи белиот  снег, а со него што можат?! Па, можат да го фатат со нивните детски рачиња, да го стиснат силно и ете ја снежната топка, да легнат во снегот и ете ја снежната слика, да го почуствуваат вкусот и мирисот на снегот. И нешто што најмногу сакаат е да направат Снешко, да му стават едно тенџере или капа, шалче, морковче, камчиња, гранче, да се радуваат и да пеат покрај него.

Започнете разговор со вашето дете за годишното време зима. Прашајте го што се случува во природата во зима? Како изгледаат дрвата во зима, што се случува со тревата, каде исчезнаа цвеќињата… Бистрото поточе го нема веќе својот бучен жубор, бидејќи неговиот воден тек е делумно замрзнат. Разговарајте со детето и поттикнете го да размислува. Што се случува со животните во зима? Каде се тие? Мечките се скриени во своите легла и се подготвуваат за длабокиот зимски сон, а пак вредните верверички во своите домови се сладат со оревчиња и лешници. Се слуша жалниот цвркот на врапчињата, кои се обидуваат да пронајдат некое зрно храна.

Од каде доаѓаат снегулките? Како изгледаат? И каква боја имаат? Понудете му на детето да држи во своето раче коцка мраз. Прашајте го што чувствува, дали е ладно или топло? Што се  случува со коцката мраз, полека се топи од топлина. Објаснете му дека истото ќе се случи со снегот. Тој е ладен на допир, а на топлина се растопува.

Понудете му на детето  – хартија во црна боја и заедно со вас – сликајте „разиграни снегулки“ со бела темпера. Произволно со четката нека слика, снегулки големи и мали, дебели и тенки….А потоа прашајте го колку снегулки насликало – нека ги изброи.

*Еве неколку други идеи за изработување на снегулки: – Потребен материјал: стапчиња дрвени (или чепкалки за уши), конец, темперни бои,светки, циркони, лепак… Стапчињата нека ги залепи со лепак, така што ќе ги залепи за да добие форма на снегулка, а потоа нека ги обои со темперна боја по негов избор и нека ги украси со светки, копчиња, циркони.. На крајот ставете конец и нека ви послужат снегулките, како украс на елката или вашиот дом.

Потребен материјал:  Хартија бела (може и во повеќе бои), ножички, шема за сечење на хартија…Хартијата се превиткува и сече по шема. На тој начин ќе се добијат снегулки во различна форма и големина.

За крај на оваа активност можете да му ја пуштите песничката  „Снегулка – Ципи Рипи“  и заедно со вас и приготвеното  топло чајче  – уживајтге во топлата празнична атмосфера во вашиот дом.

Еве неколку гатанки:

– Бел пес на ќерамиди лежи –(Снег)

– Заби нема ама каса – (Зима)

– Снежни капки, 

белички, фини, 

во воздух танцуваат

како мали балерини  – (Снегулки)

Подготвилa – Силвана Бошковска- Ќулавковска