News

Наслов на активноста:  Драмски текст „КОЛЕДЕ, БАДНИК, БОЖИЌ

Цели на активноста:

-Да се воведува детето во опишување, раскажување, активно слушање и доживување на впечатоци;
-Да се поттикнува детето на творештво во осмислување и презентирање на доживувањата и внатрешни чувства, при одбележување на празници и народни обичаи;
-Да се поддржуваат и негуваат позитивни емоции кај децата;
-Да се развива почитта кон семејните и традиционалните празници – Коледе, Бадник, Божиќ и нивното значење и начин на празнување.

Потребен материјал: приложениот драмски текст, коледарско торбиче со коледарски намирници, бадниково лепче и гранче, народни приказни…

Тек на активност:

Почитувани, со неколку реченици повикајте го детето: „Рано утро пред зори во студови јануарски, дечиња со торби в рака, песни пеат коледарски Коледе леде, коледе леде… Децата рано стануваат, Бадник го прославуваат и Божиќ го празнуваат“. Добар поттик за празнувањето на Божиќните празници.

Објаснете им – Баба среќна, радосна, децата со дарови ги дарува и за Бадник се радува. Навечер, сите дома Бадникова вечер празнуваат, на трпеза седнуваат, лепче со паричка кршат, среќата ја бараат, со љубов Божиќ го пречекуваат и заедно го прославуваат. А во рано Божиќно утро, насекаде среќа броди, а луѓето се поздравуваат со добра мисла, здравје и љубов да ги води, „Христос се роди-Навистина се роди“.

Оставете ги неколку минути дечињата да ги средат впечатоците, а задржувајќи ја возбудливата и весела атмосфера, запознајте ги со содржината на драмскиот текст што следува. Читајте, објаснувајте непознати зборови, заедно повторувајте. Патем поддржувајте ги децата самостојно да цитираат моменти од делови од текстот.

„Коледе, Бадник, Божиќ“

(Баба Невена го пречекува внукот Божин на вратата. Го бакнува в образ и тргнуваат кон дневниот престој…)

Невена: Те слушаше баба. Многу убаво пееш коледе-леде…

Божин: Бабичке, една тетка спомна лепче со паричка.

Невена: Коледе и Бадник не можат да поминат без паричка. Вечер софрата ќе ни биде полна. Ќе се собереме сите и ќе јадеме посна сарма, посен грав, риба…баба ќе ти меси посен зелник со праз.

Божин: Нема да се лутат другите?

Невена: За ова знаеме само јас и ти. Да ти скршам некое оревче?

Божин: Скрши ми, бабичке. Каде е дедо?

Невена: Отиде на пазар, ќе дојде. Синоќа остана до доцна пред зграда, покрај коледарскиот оган.

Божин: Го видов од балкон, играше оро. Утрово ме бакна и ми рече дека оди да донесе бадниково гранче.

Невена: Да, внучко, утре е Божиќ, нашиот најголем празник. Празник на радоста, на љубовта и на мирот. Како да доаѓа дедо ти Никола?! Трчај?!

Божин (вика): Деденце, да ти ја испеам коледе-леде!!!

Никола: Ајде, почни!..Погоди што носам?..Дојди, земи го бадниковото гранче!

Слушнатото, доживеаното, размислувањето, нека бидат поттик за безброј игри, кои ќе следат во овие преубави празнични моменти. Месете бадникови колачиња, подготвувајте, сервирајте и украсувајте Божиќна трпеза, пејте, играјте и радувајте се на Христовото раѓање и постојано создавајте мир, топлина во вашите души и вашите домови.

За многу години – Христос се роди – навистина се роди“.