News

Наслов на активноста: (5 – 6г.) Усвојување на поимите / лево – десно

Цели на активноста:

  • Усвојување на поимите лево – десно
  • Одредување на левата и десната страна на сопственото тело, кај други лица и предмети
  • Развивање на процесите за воочување на просторот, развивање способности за просторна ориентација
  • Будење на чувство на радост и задоволство од активностите

Потребен материјал: играчки, фломастери, дидактички ливчиња

За да се приспособи детето во средината во која живее, за правилно да комуницира со околината, од суштествено значење е неговото просторно ориентирање. Просторното ориентирање е многу важно за совладување на пишувањето, при цртање, физичките активности и воопшто. 

Во таа насока, ќе се запознаеме со поимите лево и десно. Овие поими децата потешко ги усвојуваат и затоа треба секојдневно да ги користите кога разговарате или си играте со вашето дете. На пример може да поставувате барања – „Играчката што ја држиш во левата рака, стави ја позади тебе“, „Седни од мојата десна страна“, „Ајде да се поздравиме, за поздрав секогаш ја користиме десната рака“ , „Со која рака го држиш фломастерот, додека боиш“ и сл.

Потоа може да ги именувате деловите од телото, пр: „Колку раце имаме? (две – лева и десна рака) и поттикнете го детето, со левата рака да го фати левото уво, со десната рака, да го допре десното око и сл.

За да биде позабавно, ќе ви предложам кратка стихотворба. Детето откако ќе ја меморира, може да си ја потпевнува и само додека си игра: 

                                  „Лева страна, лева рака,

                                   срце чука, прави вака –

                                   тика – така, тика – тика.

                                   Десна страна, десна рака,

                                   бои, црта што си сака,

                                   здраво прави ете вака….“

На последниот стих, може да ја пружите десната рака и да се поздравите.

Во прилог ќе ви ставам дидактички листови за боење и поврзување, преку кои детето ќе ги утврдува своите знаења.

Подготвила: Воспитувач – Ружица Митровиќ