News

Наслов на активноста: Свирење со детски музички инструменти на новогодишна песничка

Цели на активноста:

-запознавање со техниката на свирење со дел од детските музички инструменти
-оспособување за правилно држење и ракување со ДМИ
-оспособување на децата за изработка на музички инструменти од природни материјали
-оспособување за следење на мелодијата на изучената песна со ДМИ (ритмички)
-развување на чувство за взаемна поврзаност меѓу ритамот и мелодијата
-развивање на творечките способности за слободно и спонтано изразување
-развивање на чувство за ритам
-поттикнување на интерес за изведување на звучни ефекти со музички инструменти
-запознавање со детските музички инструменти 

Тек на активноста:

Свирењето на детски музички инструменти има важна улога во музичкиот развоен процес кај децата и претставува посебно омилена и посакувана активност.

За развојот на детските музички способности,  свирењето на детските музички инструменти  има значајна улога. Свирењето со детски музички инструменти е голема желба, бидејки е едноставно, односно не е потребна предходна техничка подготовка, а начинот на свирење е едноставен, се стекнуваат основни првични сознанија за музичките инструменти, се развива љубов за свирење, љубов за колективно музицирање и воопшто љубов кон музичката уметност.

Со активно музичко учество, децата ги развиваат чувствата за личните вредности и вредностите за успехот во колективното музицирање. Со музичките инструменти, децата импровизираат ритми, придржуваат песни што ги пеат, погодуваат и пребаруваат по слух – познати мелодии или свират лесни и познати песни, доживуваат создавање на музичкиот тон, се зголемува љубопитноста и интересот за истите. Застапеноста на детските музички  инструменти има важна улога во музичкиот развоен процес кај децата.

Во музичката литература познати се под името Орфови музички инструменти.

Името го добиле по германскиот композитор и музички педагог Карл Орф. Тоа се разни видови на удиралки, прилагодени за детската возраст, со можност за краток временски период – приспособување и свирење на истите. Свирењето на детските музички инструменти не представува самостојна активност. Таа е активност поврзана со сите други музички содржини, како: пеење, слушање музика, музика и движење, основи на музичка писменост. Групата на ДМИ, кои денес се употребуваат е доста голема, каде што тонот се добива на различни начини.

Детски музички инструменти се: барабанче, стапчиња, триангл, звончиња, тропалки, дајре, кастањети….

Најпрво ќе ве запознаеме со стапчињата и тропалките, со кои ќе свирите на новогодишнa песничка.

=Стапчиња=

Стапчињата се наједноставни музички инструменти, изработени од тврдо дрво, валчести по форма. Со удирање на едно стапче од друго, се добива краток звук, сличен на звукот на дрвената кутија или кастањети. Од динамичко нијансирање, може да се примени тивко и гласно свирење.

 =Тропалки (Маракас)=

Тропалките се најстари ритмички инструменти. Поради едноставната употреба, често се застапени и се употребуваат во пар. По форма може да бидат топчести, цилиндрични, крушксти, правоаголни – исполнети до половина со зрнести материјали или производи (ориз, грав, пченица, пченка, грашок, камчиња, ситни метални топчиња), изработени од пластика, дрво или метал. Се држат за дршката помеѓу палецот и показалецот. Со тресење се добива изедначен звук. Со кратки и отсечни движења, успешно се изведуваат делови од потивко во посилно и обратно.

Драги родители, за да може да уживате во музичките новогодишни содржини, се што треба да направите е да наполните неколку празни шишиња до половина со ориз, грав, пченица, пченка, грашок или камчиња и да свирите заедно со вашите најмили на новогодишни содржини.

Ви посакувам пријатна забава!

Подготвил: Музички педагог – Златица Кратовалиев