News

Наслов на активност: Приказна „Дедо Мраз и неговите елени“

Цели  на активноста:

-Да  ја развива способноста за слушање, разбирање и доживување на содржинта на литературната творба
-Да се поттикнува да развива способност за започнување на дискусија и поставување прашања
-Да се поттикнува детето за раскажување и изразување со куси и целосни реченици
-Да го збогатува речникот со нови зборови и изрази од литературните дела

Потребен материјал: испечатена боенка со еленче, фломастери или дрвени боички

Тек на активноста:

Во пресрет на новогодишните празници, сите се подготвуваме и ги украсуваме нашите домови. Сигурна сум дека вашите деца се радуваат на украсените новогодишни елки и со нетрпение го очекуваат Дедо Мраз – тој весел дедо со бела брада, кој ги носи подароците под елката. Секое дете сака да слуша приказни, а пак кога таа е за Дедо Мраз верувам дека неговото внимание и интерес, ќе бидат уште поголеми. Затоа повикајте го вашето дете да седне до вас, сместете се удобно на вашиот тросед и почнете со раскажување.

                                            

ДЕДО МРАЗ И НЕГОВИТЕ ЕЛЕНИ

Во една далечна земја на Северниот Пол во планински замок сред мистична шума, каде зимата трае повеќе месеци во годината, живее Дедо Мраз. Во неговиот замок, има голема работилница за правење новогодишни подароци за дечињата, каде му помагаат вредните џуџиња. Пред Нова Година ги земаат писмата со детски желби од поштата на Дедо Мраз и сите се подготвуваат за далечниот пат, да стигнат до секое дете.

Пред снежната врата на Дедо Мраз, џуџињата ги редеа подароците на  големата санка.

-Подготвени ли сте? – викна Дедо Мраз и пред него се наредија осум елени.

-Тука сме! – одговорија во еден глас.

Тие ги занишаа разгранетите рогови, што личеа како цврсти гранки од дрвја. Ги исправија долгите тела и тропнаа со големите стапала, подготвени за брзо трчање. Дедо Мраз ја отвори торбата со лишаи, што ги собираше од кората на дрвјата и секому му даде. Лишаите се омилена храна на елените во зима. Хранејќи ги елените се сврте и праша:

-Каде е Рудолф?

Сите се погледнаа. Деветиот елен е Рудолф е најмлад од сите и срамежлив. Тој се разликува од другите елени по својот светлечки црвен нос. Светлината на неговиот нос, се користи ноќе, за да го осветли патот на елените, што ја влечат санката на Дедо Мраз.

-Тој сака да игра криенка! – извика едно од џуџињата.

-Криенка ли? – рече Дедо Мраз и се упати кон работилницата, во која џуџињата ги изгаснаа светлата, затоа што завршија со својата работа.

Дедо Мраз ја отвори вратата, а во темницата светна носот на Рудолф – како блескава црвена сијалица.

-Треба да ја водиш санката и сите нас цела ноќ! – му рече Дедо Мраз.

Рудолф послушно стана, застана прв во редот, исправајќи се, па рече:

-Јас сакав само да проверам да не сме заборавиле подарок за некое дете, но ете, нема ништо заборавено!

-Догледање! – викна Дедо Мраз, мавтајќи со раката на Баба Мразица и сите заедно со санката, летнаа низ ѕвезденото небо во ноќта.

Откако ќе ја завршите  приказната, обидете се преку кратки прашања да го поттикнете детето да ви раскаже што разбрало од приказната – Кој му помага на Дедо Мраз во работилницата? Колку елени му ја влечат санката? Што јадет елените? Како се викал најмладиот елен?

На крајот може да му понудите испринтани боенки со еленчиња и да му предложите да ги избои по негова желба. 

Ви посакувам пријатна забава и многу среќа и здравје во Новата година!

                                                   

Подготвил: Воспитувач – Поповска Анкица