News

Наслов на активноста: Пораките патуваат…

Цели на активноста:

*детето да се запознае и да ги прошири своите знаења за поимите пошта, поштенско сандаче, поштар …..
*да се развиваат способностите за слушање, разбирање и  емоционално доживување на содржината на драмскиот текст
*да се збогатува речникот со зборови кои означуваат поопшти поими
*развивање на фината моторика на раката, дланката и прстите и координација око-рака

Потребен материјал: картон, лепак, ножички, украсна хартија, фломастери, колаж хартија….

Тек на активноста:

Во пресрет на Новата Година, сите се весели  и  расположени, а најмногу децата. Се украсуваат елки, се купуваат подароци, се праќаат честитки и писма на луѓе кои ни се блиски и секако на Дедо Мраз!

Но како писмата, честитките и подароците патуваат? Каде ги оставаме? Кој ги носи? 

Поттикнете го  детето да размисли за овие прашања и да ви одговори. Прифатете ги сите негови одговори, а потоа за  подобро да  се запознае со тоа како може да испраќа и да прима подароци и честитки, прочитајте му го драмскиот текст „Пошта“

ПОШТА

Мартина: Што прави Сара? Работата нејзина ми изгледа тешка, а таа си работи и  си  се  смешка!

Калин: Не е многу тешка работа, завиткува кутија со украсна хартија!

Мартина: Зошто завиткува кутија со украсна хартија?

Калин: Тоа е подарок, пакет или пратка. Во кутијата има играчка, боички, молив и тетратка!

Мартина: А, зошто ги става во кутија и ги завиткува во хартија ?

Калин: Ќе ги испраќа по пошта, на братучетка и во Франција!

Мартина: По пошта? (зачудено) Кога бев со мама на прошетка, ги сретнавме нашите сосетки, рекоа дека одат во пошта да платат сметки!

Калин: Да, во пошта со пари се плаќаат и сметки, но се испраќаат и писма и пратки, на релации подолги и пократки!

Мартина: Тоа значи на места далечни и не многу далечни, се испраќаат писма и пратки најразлични?!

Калин: Да, така сега Сара на својата братучетка во Франција и испраќа подарок во кутија, завиткан во украсна хартија. На него ја пишува адресата, а во аголот лепи сликичка, која се вика поштенска марка.

Мартина: И кога ќе стаса подарокот? За еден или за два дена!

Калин: Може за еден ден, не знам, а може и за два дена. Но сигурно знам дека ќе стаса, зошто со поштенската марка, поштарината е платена!

Мартина: Поштарина? Што е пак сега тоа?

Калин: Тоа е цена, колку пари пишува на марката – толку пари чини патот на писмото. Ако се праќа подалеку, цената е повисока!

Мартина: Знам што е писмо, се пишува и се става во плик. А, може и честитка. Тие се ставаат во жолто поштенско сандаче пред зградата на оградата!

Калин: Е, тоа е поштенско сандаче. ЧИЧКО ПОШТАР ќе ги земе од таму, ќе ја прочита адресата и ќе им ги однесе на тие на кои што им ги испраќаш дури до врата!

Мартина: Прекрасно, јас ќе напишам новогодишна честитка, за сите мои братучетки. По пошта ќе ги испратам и така Новата Година ќе им ја честитам! А може ли на братучетка ми Мила, да и испратам една кукла самовила?

Калин: Може, секако. Само треба да избереш дали ќе патува со авион или некако поинаку!

Мартина: Како тоа со авион?!

Калин: Ако сакаш да стаса побрзо, тогаш патува со авион, а ако не ти се брза еее, тогаш ќе го чекаш поштарот да и ја однесе, само да не го фати мрза. Ха, ха, ха! (се смее)

Мартина: Лани од Канада мојата тетка Ратка, ми испрати за Нова Година најубава честитка и пратка, многу слатка – Пакетчиња со разни бонбончиња, а на дада, гооолема чоколада!

Калин: Мене и на моите родители  сите роднини и пријатели, честитките ни ги испратија преку електронска пошта. Тоа сега е најбрзо и најмодерно!

Мартина: А вие им пративте ли честитки?

Калин: Да, секако преку електронска пошта се испраќаат сликички разни, со желби и цвеќиња прекрасни!

Мартина: Супер, тогаш чичко поштар може да одмара повеќе, не само во сабота и недела. Тој тогаш ќе нема многу работа. Ха, ха, ха !!!(се смее)

Започнете  разговор со детето за содржината на драмскиот текст, објаснете му ги непознатите зборови и  охрабрете го истиот да го прераскаже.

Доколку сте во можност однесете го детето до блиската Пошта и заедно пратете некоја честитка или цртеж на некој ваш близок.

Откако ќе се вратите во топлината на домот, предложете му на детето да изработи поштенско сандаче. За изработка е потребно: картон, ножички, лепак, фломастери, колаж хартија и сл. По претходно исцртана контура, детето самостојно треба да  го исече поштенското сандаче и да го состави.  Нека биде креативно, нека се препушти на фантазијата и нека се забавува. 

На крајот пофалете го детето за креативноста и готовата изработка.

Подготвил: Воспитувач – Виолета Стефановска