News

Наслов на активноста: Манипулативна игра – колаж ,,Еленчето на Дедо Мраз”

Цели на активноста:

– Да се развива ситната мускулатура на дланката;
– Да се развива способност да витка, тутка, кине (цепка) и лепи на хартија;
– Да се оспособи детето да сече со ножички со тап врв (за поголемите деца)
– Да се развива координацијата помеѓу окото и раката
– Да се развива пријатно расположение

Потребен материјал: подебела хартија за цртање (полесна е за сечење со ножички, тенката се кине – за почетно сечење), колаж – самолеплива хартија, салфетки во боја, лепак, ножички

Тек на активноста

Денес Ве поканувам на дружење со вашите деца, во кое ќе се чувствувате опуштено и релаксирано.

Што ќе правите?

Дома сигурно имате разговарано за Нова Година и Дедо Мраз. Ако не сте го сториле тоа, направете го сега. На страната на градинката ќе најдете интересни содржини.

Украсивте елка?  (Да!)

Сигурно и Вашето дете учествувало во тоа. Таа може постојано да се доукрасува.

Денес ќе Ви предложам една игра, преку која крајниот продукт може да биде украс за елката. 

Тоа ќе биде еленчето на Дедо Мраз – најмалото и најомиленото -Рудолф.

Рудолф е еден од многуте елени на Дедо Мраз, кој веднаш се забележува по црвениот нос. 

Тоа е многу добро опишано во една од активностите на колешките.

Пронајдете го и прочитајте му го текстот на Вашето дете.

Објаснете му дека неговите елени се викаат ирваси. Можете да му давате информации онолку, колку што има потреба од нив, додека покажува интерес за тоа, со што ќе биде мотивирано за играта.

Објаснете му дека денес ќе го изработите Рудолф – еленчето на Дедо Мраз.

На подебела хартија за цртање, нацртајте ја неговата контура или извадете шаблон од интернет на потенка хартија, а потоа залепете ја на подебелата.

Понудете му на детето самолеплива колаж хартија и одберете боја за еленчето. Исечете едно парче од неа и одлепете еден дел, за да може Вашето дете да цепка (кине) парченца самолеплива и да ги лепи  мозаично на контурата на еленчето.

Може да работите паралелно еден до друг, секој на својата хартија. Така ќе бидете директно – пример за работа. Не заборавајте да залепите парче црвена хартија за носот.

– За колажот може да користите и хартиени салфети во боја, кои Вашето дете првин ќе ги тутка, а потоа помогнете му да ги залепи.

Кога еленчето ќе биде готово со лепење, предложете му да го исече околу со ножички со тап врв. Не инсистирајте да сече по линијата, тоа се уште не е можно.

Ако не може тоа, тогаш исечете го Вие. Потоа закачете го на елката како украс. Ако играта стане интересна направете два, три…украси, со материјали кои  овојпат ќе ги одберете сами .

Додека детето работи, користете поттикнувачки, охрабрувачки и пофалбени зборови. Пофалувајте го неговиот труд со убави зборови, секој ден кога ќе  ја погледнете елката. Ги поздравувам Вашите игри од дома.

Подготвил: Воспитувач – Веселка Божиновска