News

Наслов на активноста:  (4 – 6г.) Разговор по календар – запознавање со имињата на месеците? Од еден до друг роденден – поминува една година…

Цели на активноста: 

  • Стекнување на елементарни претстави за основните временски релации ( ден, месец, година)
  • Развивање на ситната мускулатура на дланките, кординацијата око- рака
  • Збогатување на речникот со нови зборови, кои означуваат временски релации
  • Поттикнување и развивање на самодовербата, иницијативноста и креативноста кај детето

Потребен материјал:Годишен календар, енциклопедии, слики, разновиден ликовен материјал, пeсничка од youtube

Тек на активноста:

Иако временските релации се апстрактни за децата, сепак тие можат да стекнат основни знаења за тоа што е календар, зошто служи, како се употребува. Бидејќи детето е природно љубопитно, дозволете му самостојно да разгледува, истражува, опишува разновидни календари кои ќе го привлечат неговиот интерес. Разговарајте за годишните  времиња со сите нивни карактеристики и именувајте ги месеците кои припаѓаат на тоа годишно време.

За подобро да ги научи месеците, поттикнете го да изработи сопствен календар. За таа цел нека исече круг кој ќе го поделите на 4 дела, кој ке ги претставуваат четирите годишни времиња, а секое годишно време поделете го на делови кои ќе ги претставуваат месеците. Годишните времиња се со иста боја – како и месеците што припаѓаат на тоа годишно време. Според Монтесори пролетта е претставена со зелена боја, лето – жолта, есен – црвена и зима – бела боја. Прашајте го во кој месец е роден, во кое годишно време припаѓа тој месец и да го обои во соодветната боја. Со користење на овој календар ќе воочува – како се менуваат месеците и годишните времиња. Исто така ќе го научи правилниот редослед на месеците во годината и кружењето на годишните времиња.

Разговарајте за карактеристиките на годишното време и поврзувањето на месеците со одредено годишно време. Поставете му прашања зошто годишното време се бои во таа боја? Кои месеци припаѓаат на кое годишно време? Со кој месец започнува, а со кој завршува годината? Прашајте го … доколку сме месец април, кој е следниот месец што следува? Прашајте го кој му е омилен месец и зошто?

Предложете му да изработите воз со 12 вагони, кои ќе ги претставуваат месеците. На лист хартија нека нацрта апликации, кои што се карактеристични за одреден месец, а потоа нека ги залепи на секој од вагоните и да ги именува.

Запознајте го детето со старите македонски имиња на месеците. Нивните имиња во минатото биле поврзани со природните циклуси или земјоделски работи кои се случувале во период на соодветниот месец. (во прилог подолу).

Подготвила: Воспитувач – Леонора Танова