News

Наслов на активноста:  (2 – 4г.) Модната ревија на Ана – Расказ

Цели на активноста:

–  Да се поттикнуваат културно хигиенски навики кај децата

– Да се развива способност за слушање и разбирање на содржината на литературната творба

-Да се оспособува за раскажување настани по серија слики и изразување со целосни реченици

– Да се поттикне кон развивање на координацијата меѓу окото и раката, правилнo држење на дрвени боички, ножички

Потребен материјал: расказ, испринтани листови со топла облека, дрвени боички, ножички.

Тек на активноста:

Како родители постојано ги советувате и разговарате со вашите деца за начинот на одржување на хигиената во домот, односно дека треба да бидеме чисти и уредни. Но, има и дечиња кои не знаат колку е важно да се грижат за хигиената, а едно од тие дечиња е и Ана, која што ни кажува што се случува во нејзината детска соба.

Прочитајте го краткиот расказ на вашето дете:

МОДНАТА РЕВИЈА НА АНА

Ана од сон се буди, а надвор врне, дува и студи.

Што да облечам сега? – се прашува таа, додека во големото огледало се гледа.

Го отвори плакарот и како на модна ревија почна да вади облеки разни. Облекува, соблекува – дури и фиоките ги испразни. Околу неа алишта расфрлени стојат, а Ана на крајот се дотера во балетско фустанче со розова боја.

Кога виде Јане што се случува, веднаш почна да ја подучува.

Ана, мама секој ден пере и се мачи, да бидеме чисти – многу и значи. Облеката треба во плакарот уредно да стои, секој сам си ги дипли алиштата свои. А на студено време, Ана, секој знае што треба да се носи. Облека топла, џемпер, чизми, јакна, капа, а кога врне и чадор в рака.

Откако ќе ја прочитате содржината, со детето поведете разговор за расказот и за постапките на Ана и Јане. Поттикнете го детето да размисли и да одговори кое однесување е правилно, а кое е не, кое облекување според годишното време е правилно, а кое не? Охрабрете го да говори за себе – како се грижи за својата облека и дали го оправдува однесувањето на Ана!

Потоа може да му дадете на вашето дете испринтани листови, на кои што ќе има нацртано ликови на девојче и момче со нацртана топла облека, а детето ќе има за задача да ги обои алиштата, да ги исече и да ги облече децата. За време на активноста, пофалете го вашето дете за неговата работа и истрајност. Секако изработките можете да ги истакнете во неговата соба.

Ви посакувам пријатна работа!

Подготвил: Воспитувач – Маријана Поповска