News

Наслов на активноста: (3 – 4г.) Математички игри – воочување и разликување “едно” и “многу” кај предметите

Цели на активноста: 

  • Да се поттикнуваат способности за користење на математиката во опкружувањето;
  • Поттикнување на способностите за споредување и класификација според боја, форма, големина
  • Развој на фината моторика на дланката и координација око-рака
  • Поттикнување способности за воочување и именување на основните геометриски форми и фигури (круг, топка, коцка)
  • Збогатување на активниот речник на детето со нови зборови

Потребни материјали: разни играчки, автомобилчиња, животни, коцки, две кутии…..

Тек на активноста:

Давањето солидна основа на децата во раната математичка писменост е многу важно за нивниот иден академски успех. Ова може да го постигнете, охрабрувајќи ги да учествуваат во динамични игри по математика, кои можат да им помогнат на децата од предучилишна возраст да стекнат вештини, но и самодоверба. Повеќето деца, дури и без родителско водство, се природно заинтересирани за математика, која е насекаде околу нив. Тие сакаат да поставуваат прашања и да играат игри, кои вклучуваат многу математички концепти. Раното изложување на математика, ќе ја изгради самодовербата на детето дека ќе треба да успее на училиште.

Еве едноставни игри и активности поврзани со математика, што можете да ги играте со децата дома и на тој начин да поттикнете учење и разбирање на основните концепти за математика.

  • Извадете голема количина на разновидни играчки и растурете ги на подот. Седнете со детето на одредена далечина од играчките и до вас ставете две кутии. На вашето дете, кажете му: Донеси ми еден автомобил од растурените играчки? и посочете му во која кутија да го стави автомобилот. Повторно кажете му да оди до растурените играчки, но сега да донесе повеќе играчки, за да ја наполни другата кутија. Потоа поставете му прашање – Во која кутија има повеќе играчки, а во која има само една играчка? Повторете доколку не може да запомни.
  • Играта може да ја играте и со коцки во разни бои и големини, со што ќе му посочите на детето да издвои и да донесе една жолта коцка и да ја стави во едната кутија, а во другата кутија да донесе повеќе црвени коцки или да донесе една голема сина коцка и повеќе мали жолти коцки и сл.
  • Истата игра може да ја играте и со логички плочки (ако имате дома), можете да му посочите на детето да ви издвои една и повеќе плочки со кружна, триаголна или квадратна форма.

Охрабрувајте го и играјте, сѐ додека сметате дека игрите му се интересни на детето и додека ужива во нив.

Овие активности му помагаат на вашето дете да разликува форми, да ги споредува по боја и големина, да препознава сличност или разлика помеѓу предметите, а со тоа да ги развива и моторичките вештини, логичкото размислување…

Подготвила – Наташа Бинова