News

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Каква облека носиме? – Разговор / Мојата свечена облека – Колаж од различни материјали

Цели на активноста: 

  • Развивање на вештини за користењето на материјали и средства за работа (селотејп, лепак, ножици и сл.)
  • Јакнење на самодовербата и фантазијата кај детето
  • Развивање на ситната мускулатура на дланките и кординација око- рака

Потребен материјал: слики со разновидна облека, текстил, копчиња, лепак, ножици, колаж, хартија од блок, YOUTUBE песничка – Ленка, супер манекенка, кукли…

Тек на активноста:

Денес сме изложени на различни модни трендови, како за возрасните, така и за најмалите. Иако тие се мали дечиња, тие се сепак личности со сопствен вкус и избор. Уште од мали нозе, децата сакаат да го прават се она што го прават и возрасните. Нашите деца секогаш сакаат да ги пробаат штиклите на мама или чевлите на тато. Денес се повеќе облеката на децата е иста како со облеката на возрасните. Денешната активност ќе биде токму за тоа.

Понудете му на вашето дете слики со различни видови на облека: свечена, спортска, секојдневна. Разгледувајте ги и почнете разговор со детето, објаснете му го значењето на овие зборови. Што значи на пример свечена облека и кога се носи таа и за каков настан (на свадба, приредба, роденден..) Кој ја шие облеката и како се вика таа професија? / објаснете ја работата на модните креатори / кои се најбитните алатки, со кои се шие облеката (конец, игла..).

Откако ќе завршите со воведниот дел од денешната активност, префрлете се на главиот дел односно целта на активноста, а тоа е изработка на свечена облека од текстил (може и од колаж хартија). Понудете му на детето текстил (од стара облека, копчиња, тул или друг материјал). Децата  (посебно девојчињата) се радуваат на впечатливите бои и детали и сакаат многу широки фустанчиња, за да можат да се вртат. А, пак момчињата, тие се воодушевуваат на кошули и вратоврски.

Со ваша помош, направете контура од фустан или костум на хартија од блок и со ножици. Исечете парчиња од материјалите и изработете убава свечена облека. Можете да ја украсите со детали, како светки, циркони и сл. Можете да направите повеќе модели, во зависност од интересот на детето.

Откако ќе завршите, можете да му предложите на вашето дете да се облече во некоја омилена свечена облека по сопствен избор и да оди по замислена модна писта, а публика нека бидат куклите кои ќе ги наместите претходно или другите членови од семејството. Пуштете му ја песничката на YOUTUBE – ,,Ленка, супер манекенка’’ и препуштете и се на веселата атмосфера и играта.

Идеи за игри:

  • Можете да изработите облека од рециклирани материјали (хартија, ќеси, весници…
  • Земете кукла (машка или женска) која ќе биде без облека и со ваша помош сошијте со конец и игла, некоја едноставна облека и облечете ја куклата. Можете да го изработите тоа со хартија, лепак и хефталка и – направете облека за куклата.
  • Играјте игра ,,На кого припаѓа’’. Исечете слики од машка и женска облека и детето нека ги селектира – која облека припаѓа на момче, а која на девојче.

Гатанка: *Патче си отвара, дупки си поправа, со врвот работи и бодликава е ? (игла)

 

Подготвила:  Силвана Бошковска – Ќулавковска