News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Како се менува времето низ годишните времиња – Насочен разговор

Цели на активноста:

– Да се развиваат способности за препознавање на годишните времиња
– Запознавање со карактеристиките на годишните времиња (однесување на растенија и животни, работа на луѓето, карактеристични спортови)
– Да се поттикне користење на старите знаења во стекнување нови поими и претстави
– Да се поттикнува и оспособува за искажување на своите идеи на повеќе начини

Потребен материјал: Слики, YouTube видеа, ликовен материјал

Тек на активноста:

Што се годишни времиња?

Годишно време е период од годината кога нема многу голема промена на времето, како ни многу големи температурни разлики, а секое од нив си има свои посебни карактеристики.

Една година има четири годишни времиња: Пролет, Лето, Есен и Зима.

Гледајте го заедно со децата видеото ,„Годишни времиња со текст“ и разговарајте по него.

Истражувајте како се менуваат годишните времиња и опишете ги! Поттикнете го детето само да раскажува што гледа на дадените слики, што е карактеристично за тоа годишно време или пак да раскаже некое свое доживување, кога е најтопло и што прави тогаш и кога е најстудено. Како се облекува, кои игри ги игра…на песок или пак на снег…

Пролет

Пролетта почнува со пролетна рамноденица, кога денот и ноќта имаат иста должина. Денот постепено се зголемува, времето станува потопло, дрвјата разлистуваат, цвеќињата цутат, преселните птици се враќаат од далечниот југ. Пролетта ни носи сонце и мирисни цутови, зелена трева и млади листови. Пеперуги танцуваат во пролетен лет, пчелките собираат сладок мед.

Лето

Летото почнува со најдолгиот ден во годината. Иако деновите стануваат се пократки, времето е многу топло и суво. Летото е време кога созреваат житата и голем број овошја, време кога има краткотрајни бури со грмотевици и се разбира, време кога се оди на летување! Сонцето топлина секому му дели. Планината со воздух чист на одмор не кани, на плажите, на песокот сите се збрани.

Есен

Есента почнува со есенска рамноденица. Деновите се се пократки и постудени. Птиците преселници заминуваат на југ, лисјата пожолтуваат и паѓаат, често врне и дува студен ветер. Овошја и зеленчуци на пазарот многу има, сите се подготвуваат за студена зима.

Зима

Зимата почнува со најдолгата ноќ во годината. Деновите се кратки и многу студени. Дрвјата се без лисја. Поради сето тоа, некои животни ја преспиваат зимата. Зимата носи студ и снегче бело – игри детски, снежни, во град и во село. Новата година во декември се чека, во јануари празници се редат како река.

По разгледувањето и опишувањето на годишните времиња и нивните карактеристики, предложете му на детето да го нацрта омиленото годишно време и да ви објасни зошто го сака тоа годишно време, притоа потикнувајќи го да се изразува со целосни реченици.

  • Можете да играте и игра на пантомима – Погоди кое годишно време сум.
  • За да ви биде интересно, ви предлагам игра на асоцијација за годишно време

Во слободно време децата може да го гледаат Детскиот игран филм – Годишни времиња КРЕФ2018.

Подготвил: Воспитувач – Љубинка Томовска