News

Наслов на активноста: (2 – 4г.) Стихотворба “Топла облека”

Цели на активноста: 

-Да се развиваат способности за јасно рецитирање на стихотворби со промена на интонацијата на гласот
-Да се оспособува и навикнува детето на правилно дишење, потребно за добар изговор
-​Да се развива способност за користење на нови зборови и поттикнување за прашување за значењето на некој непознат збор

Тек на активноста:  

Со детето можете да излезете на прошетка во блискиот парк или на некое ваше омилено место за прошетка во овој период од годината. Додека се подготвувате, оставете го детето само да се облекува и поттикнете го да именува се она што ќе облече. При прошетката, разговарајте за студеното време и што треба да правите за да се заштитите од студот. Насочете го разговорот повторно кон облеката која ја носите и побарајте од него со кратки реченици да ви опише како се чувствува додека ја носи таа облека, дали му е студено или топло, зошто ја облекло токму таа облека, а не некоја потенка. Поставувајќи му кратки прашања обидете се детето само да ви нагласи дека во студените денови се носи топла облека. Откако ќе се вратите од прошетката во блиската околина, понудете му на детето да слушне една стихотворба за топлата облека, а потоа заедно обработете ја нејзината содржина и објаснете ги непознатите зборови, доколку ги има. По завршување на обработката на содржината, прочитајте му ја стихотворбата уште неколку пати и охрабрете го да повторува по вас, со цел да го совлада текстот.

Топла облека

Надвор кога дува,
топлата облека ме чува,
за да бидам здраво дете,
баба шалче ми плете.

На главата носам капа,
од зимата не се плашам,
глава и уши таа ми чува,
кога студен ветер дува.

Чизмички топли
на нозе си ставам,
со ракавички шарени,
снежни топки ќе правам.

Откако ќе завршите со обработка и совладување на текстот на стихотворбата, можете на детето да му понудите да решава проблем-ситуација. (Прилог 1) Со решавање на овие проблем – ситуации, ќе утврдите колку детето ја совладало темата за топла облека.

Подготвила – Маријана Гиразова