News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) ДЕНОВИ ВО СЕДМИЦАТА – усвојување на поим за време

Цели на активноста:

– да се оспособува за усвојување на концептот на време (денови во седмицата), именување, подредување, препознавање;
– да се поттикнува апстрактното размислување преку асоцијативно поврзување на настани со временски релации;
– да се развива способноста за одредување и препознавање на временски релации (вчера, денес, утре);

Потребни ресурси: компјутер, календар, листови од блок, фломастери, листови во боја, лепило, топка, подлога за вежбање, ножички,

Тек на активноста:

Откако детето ќе ја достигне возраста од 3 до 4 години, тоа може да почне да ги учи деновите во седмицата. На почетокот, можеби ќе наидете на потешкотии, бидејќи многу деца од оваа возраст се уште не го разбираат концептот за време. Времето е апстрактна категорија и токму на оваа возраст децата ги прават првите обиди на апстрактно размислување, но секогаш поаѓајќи од нешто опипливо, кокретно. Токму затоа ви предлагам оваа активност да ја изведете во неколку фази. Така ќе обезбедите развој на логичкото размислување, низ надградување и систематизирање на знаењата и истовремено ќе практикувате и концепт на конструктивистичко учење преку игра.

Фаза прва: Започнете ја активноста со слушање и пеење на предложената песна. Низ песна и забава, вашето дете ќе научи да ги именува деновите во седмицата.

Фаза втора:  Во овој дел погледнете ја приказната за Многу гладната гасеница. Фокусирајте се кон редоследот на деновите во седмицата. Низ практична, манипулативна активност, поттикнете го детето да ги подреди деновите во седмицата по редослед.

Искористете го моментот и остварете цели од математика: броење  и употреба на редни броеви. Понеделник е ПРВ ден во седмицата, вторник е ВТОР, среда ТРЕТ, четврток ЧЕТВРТИ, петок ПЕТТИ итн.

Фаза трета: Сега веќе детето може да ги интегрира стекнатите знаења во практичниот живот, односно да развие свесност за врме. Кој ден е денес, кој следи после него….Разгледајте еден календар и тоа како се групирани деновите во седмици. Направете си ваш календар за една седмица, од понеделник до недела. Секој ден посветете го на некоја конкретна активност, која ќе ја повторувате секогаш во тој ден. Пример: Во понеделник манипулативно – креативни активности (сечење, лепење и сл.), вторник -вежбање математика, среда – музички активности (пеење, танцување), четврток – читање сликовници, петок – цртање, сабота – чистење на домот и недела – прошетка во природа. Распоредот на активностите, направете го во договор со вашето дете. Секој ден на календарот, детето нека го илустрира со конкретната активност.

Фаза четврта: Во оваа фаза детето е подготвено за поимање на концептот на време и апстрактно размислување. Што е ВЧЕРА, што ДЕНЕС, а што УТРЕ? Определувањето на поминато, сегашно и идно време на детето ќе му биде лесно, кога ќе може да го поврзе со одредена активности од вашиот календар. Помогнете му со тоа што ќе го потсетите на веќе рутинската активноста која се случила вчера или треба да се случи утре.

Во оваа фаза можете да ја играте и играта „Топката патува“. Со вашето дете си додавате топка и кога му ја фрлате кажувате ден, а тоа треба да го каже предходникот или следбеникот на тој ден, како ќе се договорите.

За крај предлагам и малку физичка активност во контекст на предходните активности:

Вежби за загревање: секој ден од седмицата го поврзувате со одредено движење. Пример: понеделник – раце горе, вторник – реце испружени на страна, среда – раце напред, четврток  – раце позади, петок – поскок со двете нозе, сабота – поскок со една нога, недела – чучнување.  Вежбајте кажувајќи ги деновите – по ред, измешано или со повторување на една вежба неколку пати.

Вежби за истегнување на телото низ приказната „Многу гладната гасеница“

Времето е единственото нешто кое никогаш не може да се врати, затоа искористете го максимално во игра, забава, учење и гушкање со вашето дете.

Подготвила: Воспитувач – Снежана Гуцуљ