News

Наслов на активноста: (4 – 6г.) Часовник – Како го мериме времето? – (некогаш и денес)… Насочен разговор

Цели на активноста: 

– Стекнување знаења и способности за одредување на временската релација – деноноќие
– Поттикнување кон користење на стандардни и нестандардни мерки за мерење на времето
– Воведување на временските единици: час, минута, секунда

Потребен материјал: енциклопедија, сликовници: ,,Еден ден со Пеце,“ ,,Часовник“, часовници во вашиот дом, хамер, сликички со часовници, сказалки, тапа, шпенадла…

Тек на активноста:

Почитувани родители! Гатанката за Часовникот нека ви биде вовед во денешната активност.

(Додека ја кажувате гатанката, покажете му ги на вашето дете часовниците со кои располагате во вашиот дом – Зошто тие стојат тука и зошто ни служат?)

Како срце чука, бие,
постојано време вие.
По потреба ти се нуди,
и наутро да те буди.
На ѕид, ил на маса стои
и секунди везден брои.
Што е тоа? …Точно часовник!

Почнете разговор за времето, како релација на движењето во рамките на едно деноноќие.

Многу, многу одамна луѓето не го мереле времето. Доволно им било да знаат кога е ден, а кога ноќ (што е мошне едноставно) и кога почнуваат и кога завршуваат годишните времиња.

Со текот на времето, луѓето почувствувале потреба да направат часовник, за да го одредат времето од денот. Сонцето е првиот часовник на човекот. Уште многу одамна луѓето го погодувале времето, набљудувајќи како сонцето се движи по небото. Тоа го мерело времето, благодарение на сенката што има различна положба и должина, во зависност од положбата на сонцето на небото. Сончевиот часовник бил поставен на земја или на ѕид. Денес тие се користат главно за украс.

Подоцна бил измислен и песочниот часовник кој бил направен од две стаклени топки, кои се поврзани со стаклена цевка. Наполнет е со песок кој паѓа од горната во долната топка. Кога целиот песок ќе истече, часовникот се врти од почеток.

Како поминувало времето, бил измислен и направен ѕидниот часовник, потоа рачниот, а денес и дигиталниот часовник.

Денешниот часовник има броеви и стрелки. Големата стрелка ги покажува минутите, а малата часот. Тој ги брои секундите, минутите и часовите. Чука и дење и ноќе во текот на 24 часа и повторно од почеток, секојдневно.

На крајот за да ви биде поинтересно учењето, ви предлагам да направите со вашето дете

  1. Постер со разновидни часовници
  2. Постер – Часовник кој ќе ги покажува детските активности
  3. Часовник направен од хамер, бројки, стрелки, тапа и шпенадла
  4. Часовник кој покажува метеоролошки појави – сончево, облачно, дува ветер, врне дожд, врне снег, има грмотевици…
  5. Часовник кои покажува годишни времиња

Одберете и направете по ваш избор од наведените примери. Ви посакувам убав и пријатен ден.

Подготвил: Воспитувач – Теодора – Теди С. Петковска